Актуелната ректорка Билјана Ангелова и професорот на Машински факултет Дарко Данев во трката за прв човек на УКИМ

Актуелната ректорка Билјана Ангелова и професорот на Машинскиот факултет во Скопје Дарко Данев влегоа во трка за прв човек на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“. Единствено тие двајца поднесоа кандидатури за ректорската позиција до крајниот рок за пријавување што истекол задсиноќа на полноќ.

Во условите на огласот што беше објавен од ректорската управа, а се однесува на следниот тригодишен мандат што треба да стартува на 16 септември годинава стои дека, кандидатот освен што треба да е државјанин на Македонија, треба да е од редот на редовните професори , да поднесе програма за работа како и биографија и библиографски податоци.

Професор д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт е актуелна ректорка на Универзитетот . И, е втората жена на таа позиција по Радмила Кипријанова.

Ангелова во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет била избирана во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник- редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.

Професорот Дарко Данев од Машинскиот факултет во Скопје влегува во трката за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, претставувајќи се како кандидат кој целиот свој академски и професионален развој го изградил токму на УКИМ. Со мотото „Од УКИМ-набљудувач до УКИМ-создавач“, Данев ја почнува својата кампања, нагласувајќи дека универзитетот за него не е само институција, туку втор дом во кој ги поминал додипломските, постдипломските и докторските студии, како и целата академска кариера – од асистент до редовен професор.

Данев двапати бил декан на Машинскиот факултет, период во кој, како што посочува, биле воведени стипендии за најдобрите студенти и биле отворени лаборатории каде студентите работеле на реални проекти со компании, со што се доближувале до пазарот на труд.

Изборот на новиот ректор треба да се направи во текот на мај и јуни, а мандатот стартува во септември, пред почеток на новата академска година.

Back to top button
Close