„Ако премиерот прави се за да ги задржи младите тука, нека не викаат на состаноци на време“, сега тука сум само јас рече претставник на студентите
Александар Николовски – претставник на Координативната група за реформи во високото образование и претседател на Универзитетското собрание на УКИМ, на денешната расправа за Законот на високо образование во Владата, истакна дека го почитува тоа што премиерот Мицкоски рекол дека ќе направи сѐза да ги задржи младите во земјава, но нагласи дека ако сакаат да го слушнат гласот на младите, со цел да се создадат услови во земјава и тие да не ја напуштаат, тогаш и навремено да ги информираат за вакви состаноци, на кои ќе може и да се слушне нивното мислење.

„Во однос на функционалноста на Координативното тело во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе направи сè за да се задржат младите, јас тоа навистина го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите, 25 години имам, другите претставници коишто се дел од националното координативно тело не се тука, а се млади, од младински организации, заради моментот што состанокот беше закажан вчера, во 14 часот, ниту 24 часа порано од тоа што би требало да се спремиме да дојдеме. Сметам дека доколку сакаме да водиме инклузивни процеси и сакаме да ги слушаме младите, треба навреме да сме известени кога ќе се случува оваа конференција, бидејќи сметам дека имаме што да кажеме и сакаме да помогнеме и сакаме навистина да учествуваме во процесите, бидејќи во изминативе две години навистина учествуваме со предлози, критики, давање на стратегии и слично“, рече Николовски.
Мицкоски претходно нагласи дека за него најважно е тоа што со новиот закон за високо образование се создаваат услови за младите да останат во својата татковина и во неа да го градат својот професионален и животен пат.






