Стафа призна вина и склучи спогодба со обвинителството -доби затворска казна

Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа признал вина за делото за кое се гони и е во притвор, потврдуваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Телма.
Според информациите, доцна попладнево е склучена спогодба меѓу обвинителството и Стафа, по што тој признал вина за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Со спогодбата е предвидена затворска казна од една година и три месеци, но таа треба да биде потврдена од надлежен суд.
Стафа беше уапсен во декември, откако бил фатен со пари кои ги примил од сестра на негов клиент. Според истрагата, освен 20 илјади евра што му биле пронајдени, тој наводно барал и добил вкупно 50 илјади евра за да посредува и да влијае врз одлука на апелациски судија.
Предметот во кој требало да интервенира се однесува на лицето Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, кој подолг период беше недостапен за органите на прогонот поради истрага за даночно затајување.
Според наводите, Стафа тврдел дека може да обезбеди поволен исход во постапката, но наместо тоа беше приведен и помина повеќе од четири месеци во притвор, по што го признал делото.
Во јавноста веќе беше објавено дека Стафа преку судијата Ѓоко Ристов требало да обезбеди укинување на притворот за Пецов. Ристов, пак, е судија кој е осомничен во друг случај, откако во домот на неговите родители беа пронајдени околу 350.000 евра сокриени во ѕид. Неофицијално, Стафа соработува со Обвинителството во откривање на други случаи на висока корупција во правосудството.
Обвинителството утврдило дека Стафа првично побарал 100.000 евра, а потоа во неколку наврати примал делови од сумата, при што вкупно му биле исплатени 50.000 евра. Дел од парите биле предадени по претходен договор со МВР, по што Стафа бил фатен на лице место и приведен.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година. По изрекувањето на пресудата, се очекува да биде префрлен на издржување на казната во затворот „Скопје“ во Шутка, додека досега се наоѓа во затворот во Куманово.






