Обвинетиот Стојанче сведочеше тој бил жртва на манипулација. Обвинителката кажа дека лаже
Различна приказна од таа на сведоците и обвинителството кое го товари за наведување на самоубиство на Ивана Стојаноска, за тешко семејно насилство и нанесување повреди на Ивана, за загрозување на сигурноста нејзина и на покојното 6-годишно дете Катја и за наведување на самоубиство на Ивана на 2 март 2026 година, кажа во сведочењето обвинетиот Стојанче Јовановски, пренесе СДК.

Според исказот што го даде денеска Стојанче, како тој да бил жртва на манипулација и го обвинуваше сведокот Мартин Саздов за уништување на бракот со Ивана, дека му подметнал дрога во гепекот и оти поради него е кривично гонет за тоа дело.
На секое споменување на детето, Стојанче плачеше гласно во судницата.
На прашање на адвокатот какви им биле односите со Ивана на почетокот на бракот, Стојанче кажа дека им биле нормални. Живееле под кирија. Спротивно на сведочењето на мајката на Ивана, Љубица Стојаноска, дека ќерка ѝ сама си го купила станот, Стојанче рече дека мајка му Цветанка им дала пари за учество во 2021 година да купат стан.
Почнале несогласувања меѓу нив. Ја обвинуваше за неверство, никаде не спомнуваше дека ја тепал.
„Ивана ме молеше да не се разведуваме поради детето, ја послушав”, се расплака тука обвинетиот.
Во 2025 година прочитал комуникација меѓу неа и Мартин Саздов. Во почетокот биле пријателски, но постепено преминувале во приватни.
„Ги соочив да ми објаснат за што се работи, тие ми негираа и ми велеа дека сум параноичен. На 16 август 2025 година бевме на свадба кај братучетка ми во Штип. На враќање видов дека се допишува со Мартин. Застанав да видам што пишува. Му пиша: ‘Еве се враќаме од Штип со овој. Катја спие’. Тој ѝ пиша дека и он се враќа откај другар од Штип. Ја прашав: сакаш со него да се враќаш? Ја отвори задната врата, ја зема Катја, искочи од кола. Беше многу пијана. Го зема детето и почна да оди во спротивна насока на автопатот. Ја молев да го врати барем детето, одби, рече ќе си оди со друг. Не сакаше да се качи во кола. Ми рече ќе те пријавам во полиција”, кажуваше поинаква верзија тој.
Не спомна дека ја претепал оти ја згрешила апликацијата, односно патот од Штип до Скопје, со удирање на нејзината глава на пластиката кај менувачот меѓу двете предни возила.
Тврди дека се качил во кола, стигнал до првата патарина, се вратил назад и цело време ѝ ѕвонел на телефон за да ги земе со детето од автопатот после полноќ. Таа не му кревала. До утредента не знаел каде да ги бара.
(…)
Обвинителката Адела Бојчевиќ истакна дека за неа е очекувано Јовановски да се стави во улога на жртва наместо во улога на сторител.
-Тоа е очигледен обид да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар наспроти сите материјални и вербални докази што ги изведе Обвинителството. Психолошкиот наод и мислење во однос на психолошките карактеристики на Стојанче утврдува дека тој има изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината во насока на себезаштита, како и префрлање на било каква одговорност на други лица и минимизирање на сопственото однесување и личната одговорност. Ова не е моја субјективна проценка, рече обвинителката Бојчевиќ пренесе Сп.
…






