Барањето за екстрадиција на Груевски е истечено, нема ни активна потерница од Интерпол

Актуелната македонска влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски не покажуваат интерес за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјата, објави унгарскиот медиум „Телекс“. Иако претходната власт на СДСМ инсистираше на негова екстрадиција од Унгарија, каде што тој ужива политички азил, тоа барање сега е истечено, а новата власт досега не го обновила.

Во моментов за него нема активна потерница од Интерпол, што дополнително ја олеснува неговата позиција во Будимпешта.

Меѓународниот правник Тамаш Хофман, кој е предавач на Универзитетот „Корвинус“, во изјава за „Телекс“ објаснува дека статусот на бегалец не е неприкосновен. Тој вели дека доколку се утврди дека првичната проценка за политички прогон била погрешна и дека станува збор за обични кривични постапки, унгарските власти можат да го повлечат азилот. Оваа административна одлука може да се донесе релативно брзо, по што би следувала судска жалбена постапка.

Сепак, Хофман додава дека дури и во случај на одземање на азилот, Груевски нема автоматски да биде предаден на македонските органи. Унгарија нема законска основа да го притвори и екстрадира без валидно барање од македонската влада или меѓународна потерница. Доколку остане без заштитата на азилот, Груевски како граѓанин на земја која не е членка на ЕУ би морал да обезбеди друга законска основа за престој, како шенген виза, или во спротивно ќе биде принуден да ја напушти територијата на Европската Унија

Back to top button
Close