Пирц Мусар: Нема мнозинство за нова влада на Словенија, консултациите продолжуваат

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар изјави дека по првите консултации со лидерите на пратеничките групи, засега никој нема потребно мнозинство за формирање нова влада, па затоа разговорите ќе продолжат.

 

Иако конститутивната седница на Парламентот навести дека мандатар би можел да биде лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, тој по консултациите изјави дека во моментов не составува влада. – Во СДС сме подготвени за сите сценарија – да останеме во опозиција, да формираме влада или повторно да одиме на избори – рече Јанша.

 

Лидерот на „Движење Слобода“ и премиер во заминување, Роберт Голоб, изјави дека се радува на работата во опозиција, а можните најави за десничарска коалиција ги нарече „коалиција на измамници“, оценувајќи дека таа не би траела долго. За доверба на владата потребни се 46 пратенички гласови. „Слобода“ беше релативен победник на изборите со 29 пратеници, еден повеќе од СДС.

 

Кон крајот на минатата недела од преговорите со „Слобода“ се повлече лидерот на „Демократи“, Анже Логар, поранешен министер за надворешни работи во владата на Јанша и некогашен член на СДС. Од „Слобода“ тврдат дека до вистински преговори со Логар, чија партија освои шест пратеници, воопшто и не дошло, со оценка дека тој, кој за време на кампањата ги отфрлаше обвинувањата дека е „скриен адут“ на Јанша, на крајот се покажал токму како таков.

 

Партијата на Јанша, кој во изборната ноќ истакна дека нема да составува „слаби влади“, со поддршка на предизборната коалиција предводена од НСи (осум пратеници), „Демократи“ (шест) и „Ресни.ца“ (пет) би имала повеќе од 46 пратеници, што е доволно за мнозинство во 90-члениот Парламент.

 

Претседателката треба да предложи кандидат за премиер најдоцна 30 дена по конститутивната седница, односно до 10 мај, а Парламентот гласа во рок од седум дена по поднесувањето на предлогот. Доколку кандидатот не добие мнозинство во првиот круг, следуваат уште два круга гласање, а ако и тие бидат неуспешни, претседателката го распушта Парламентот и распишува нови избори.

Back to top button
Close