Алиу за 360 : Не комуницирам со Арбен Фетаи, не доаѓа на владини седници!

Министерот за здравство Азир Алиу, кадар на ВЛЕН, потврди дека во последниот период не разговара со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, поради тоа што „тој не е тука“ и „не доаѓа на седници на Владата“, но рече дека неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми.

„360 степени“: Околу Арбен Фетаи – вие разговарате со него?

Азир Алиу: Па, во последен период не бидејќи не е тука.

„360 степени“: Тој не доаѓа на седници на Владата?

Азир Алиу: Не.

„360 степени“: Зошто?

Азир Алиу: Не знам, не сум информиран.

Во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Алиу рече дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на ВЛЕН и Владата, но оти тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.

„360 степени“: Тоа значи дека треба да очекуваме дека Арбен Фетаи ќе биде заменет со нов кадар при идната реконструкција на Владата?

Азир Алиу: Во моментот, знаете, ние како ВЛЕН работиме на дефинирање на органограмот на ВЛЕН, сега веќе како политичка партија и сѐ уште не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија дел од ВЛЕН.

Инаку, Арбен Фетаи и Азир Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кога тој во мај 2025 г. реши да ја напушти власта. Фетаи остана вицепремиер, а Алиу го наследи Таравари на функцијата министер за здравство.

 

 

Back to top button
Close