Експретседателот на ФФМ Сејдини е успсен за проневера и злоупотреба: детали од Обвинителството

Скопското обвинителство потврди дека е уапсен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Мети Сејдини.

“Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија  за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба”, велат од Обвинителството.

Тие посочуваат: Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек.

Претходно, според неофицијални информации, беше приведен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Мети Сејдини, под сомнение за проневера на околу 700.000 евра средства, наводно добиени од УЕФА за изградба на трибина во Охрид.

Според информациите, станува збор за проневера во износ од околу 700.000 евра, поврзана со авансна исплата за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Исплатата, како што претходно соопштија од ФФМ, била направена без соодветна одлука на Управниот одбор, без банкарска гаранција и спротивно на утврдените процедури.

Според достапните податоци, тогашниот претседател самоволно одобрил авансно плаќање кон фирма-изведувач, иако договорот првично не предвидувал таков услов. Со тоа, како што наведуваат од Федерацијата, биле доведени во заблуда членовите на Управниот одбор и била нанесена значителна финансиска штета.

Истрагата сега е во рацете на надлежните институции, а се очекува случајот да добие судска разрешница. Апсењето отвора сериозни прашања за начинот на управување со средствата во македонскиот фудбал и одговорноста на поранешното раководство.

Инаку, Фудбалската федерација на Македонија на 6 февруари годинава соопшти дека нејзината Дисциплинска комисија му изрекла казна на експретседателот Сејдини во врска со авансна исплата во износ од околу 700 000 евра кон фирма изведувач задолжена за изградба на трибина на охридскиот стадион „Билјанини извори“.

На Сејдини, како што информираа тогаш од ФФМ, му била изречена дисциплинска мерка забрана за вршење функција во траење од две години како делегат на Собранието на ФФМ, поради сторено дејствие измама и доведување во заблуда орган на Фудбалската организација, согласно член 84 од Дисциплинскиот правилник.

„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27 ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ‘Енергоинвест трејд’ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид, во износ од 202 919 610 денари, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Спротивно на донесената одлука, Сејдини на 3 декември 2024 година, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, што било извршено без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“,наведоа тогаш од ФФМ во соопштението.

Back to top button
Close