(Видео) Ивица Коневски е инвеститор а објектот на кој се случи трагедијата, го граделa компанија Јакимовски ДООЕЛ

Трагедијата на градилиштето во Кисела Вода доби црн епилог. Според потврдените информации, во несреќата при затрупување со земја еден работник го загуби животот, додека двајца се здобиле со повреди и се пренесени во болница.

Истражувањето на „Телма“ открива дека инвеститор на станбениот објект каде се случи несреќата е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Се работи за Фирмата „Нар Инвестмент“ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на Коневски, додека како управител се јавува Илија Коневски, додека пак градежните работи ги изведувала фирмата „Компанија Јакимовски“ ДООЕЛ, чиј сопственик и управител е Предраг Јакимовски.

Во куса изјава за „Телма“, Ивица Коневски потврди дека неговата фирма е инвеститор на објектот, но нагласи дека во моментот е премногу потресен за подетален коментар.

„Очекувам истрагата да покаже кои се причините за оваа страшна несреќа. Објектот ги поседува сите потребни дозволи за градба“, изјави Коневски, упатувајќи на одговорноста кај изведувачот „Компанија Јакимовски“.

Иако одговорноста за безбедноста при работа на терен директно паѓа на фирмата изведувач, сопственикот Предраг Јакимовски до овој момент останува недостапен за коментар и не одговара на повиците на новинарските екипи.

На местото на несреќата, во близина на паркот „Македонија“, се уште се присутни јавен обвинител и инспектори за труд кои вршат увид

Во изјава за медиумите, сосетката сведочи дека непосредно по трагедијата, на местото на настанот имало силно полициско присуство, а била присутна и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

„Рекоа дека четворица биле затрупани. Тројца спасиле, а за еден беше кажано дека е изваден после долго време, сигурно по час и половина. Многу ми е тешко за ова да зборувам зашто и мојот татко така загина, само што бил сам и немало кој да му помогне. Ова е трагедија. Не знам како може да градат зграда до зграда и да копаат покрај самите темели. Да се гради ѕид до ѕид, да се поткопува темел. Зошто не се бунат сопствениците што градат до нив“,рече жената во изјава за медиумите.

 

 

Back to top button
Close