На Вардариште повторно се носат камиони отпад, двапати и гореше – по 1 мај ќе бидат блокирани приодите
Од Стоп за Вардариште, кои со денови организираа протести кај мостот „Близнак“ во Ново Лисиче и во Маџари, вчера одржале состанок во Град Скопје, каде разговарале за последните инциденти на Вардариште, досегашните чекори и следните мерки.

Од таму ги информирале дека се врши одгасување, за што се извршени подготовки и ископани се два бунара од кои се земени мостри, испратени на анализа во акредитираната лабораторија на Универзитет „Гоце Делчев“. Резултатите ќе бидат јавно објавени.
„Почетокот на одгасувањето се очекува најдоцна до август (можно и порано). Според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината на гас – како почетна, истражувачка фаза. Одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите; доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување“, информираат од Стоп за Вардариште.
Најавено е и хумано преселување и згрижување на ранливото население во наредните недели.
Од утре – 24/7 присуство на дежурни инспектори кои ќе патролираат на терен.
Откако посочиле дека повторно се носи отпад со камиони, ветено е блокирање на приодите со ровови по први мај и засилен теренски надзор од страна на инспекторите. Во близина на ЈП „Лајка“ ќе биде поставена заштитна ограда како дополнителна мерка за спречување на влез во Вардариште.Исто така, ќе бидат поставени дополнителни камери за видео надзор.
За поголема транспарентност од Град Скопје ветиоле дека ќе има редовна комуникација и информирање за сите чекори.
Бројот за пријавување до дежурниот инспекторат (072 898 898), кој подолг период не беше во функција, по пријава на Стоп за Вардариште повторно е ставен во употреба.
„Напоменавме дека се потребни континуирани превентивни мерки од институциите, a не само реакција по инцидент. Истакнавме и дека не се исклучува можноста за нови блокади доколку продолжат ваквите настани, имајќи го предвид револтот по последните палења.
Остануваме будни и активни. Загадувањето од Вардариште не смее повторно да стане наше секојдневие“, одлучни се од Стоп за Вардариште






