Летните одмори поминете ги во нашите убави езера ,планини и села. Мицковски со „формула“ како да го решиме европскиот влез-излез

Премиерот Христијан Мицкоски упати апел до македонските граѓани дел од летниот одмор да го поминат во земјата, по воведувањето на новиот дигитален систем за евиденција на патници од страна на Европската Унија за државјани од земји кои не се членки на Шенген зоната.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара одложување на примената на системот во летната сезона, Мицкоски рече дека се водат разговори во рамките на Европската Унија, но нагласи дека Македонија има доволно домашни туристички капацитети.
„Јас не би коментирал апсолутно премногу за тоа, за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како би се тоа надминало, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини и езера, на македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна немаме“, рече Мицкоски во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по панихидата за 123 години од смртта на Гоце Делчев.
Новиот систем на ЕУ, познат како „влез–излез“ (EES), се однесува на државјани од трети земји и се применува во 29 европски држави, објави 4news.mk Тој е дигитална алатка за следење на влезот и излезот од Шенген зоната.
При првото користење, патниците ќе мора да дадат биометриски податоци, вклучувајќи скенирање на пасош, отпечатоци од прсти и фотографија. Системот е наменет за поефикасна гранична контрола, но веќе предизвикува доцнења и редици на дел од европските аеродроми и гранични премини, особено во периоди на зголемен сообраќај како летните одмори.
Извор: 4news.mk






