СДСМ: Мицкоски започна кампања за заострување на односите со Бугарија

Се уште не е ниту формирана новата влада во Бугарија, а Христијан Мицкоски веќе има најавува заострување на климата меѓу двете земји. Ако ова го очекува и јавно го најавува, тогаш не мораме да чекаме јуни, нека каже веднаш: нема ништо од ЕУ интеграциите. Со ваква политика не можеме ниту нормални добрососедски односи да имаме, стои во соопштението на СДСМ што МИА го пренесува интегрално.
И не само што вели дека односите нема да бидат подобри, туку отворено најавува дека ќе се заострат.
Тоа значи дека тој самиот, како што правеше и досега, активно ќе работи на продлабочување на кризата, што токму го прави со оваа изјава. Кампањата за предизвикување конфликт со Бугарија ја започна.
Како што одамна рековме: Мицкоски не сака да продолжи со ЕУ интеграциите, бидејќи не може да продолжи со криминалот и корупцијата. Тој е на власт, а ја обвинува опозицијата за лошите односи.
СДСМ инсистира на продолжување на европскиот пат.
Внесувањето на правата на националните малцинства не е бугарско прашање, туку основен услов на Европската Унија.
ЕУ јасно кажа дека без исполнување на тој услов нема продолжување на преговорите.
Тогаш е бесмислено да се зборува за останатите точки од реформскиот план, бидејќи сето тоа е недостижно – основните две точки, а да не ги спомнуваме другите, бидејќи Мицкоски правосудството (како приоритет) целосно го приватизира, а слободата на медиуми со сопственикот Орбан не можеме ни да ја очекуваме.
Македонија заслужува подобра иднина, а Европа нема алтернатива. Оваа криминална организација мора да одговара за сè што ѝ го прави на овој народ.
Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!






