Јавен повик за селекција на ученици заинтересирани за упис во Спортската академија во учебната 2026/2027


Министерството за образование и наука објави повик за проверување на способностите за спортски вештини на учениците кои се заинтересирани за запишување во Државното средно училиште „Спортска академија“ за наредната учебна година.

-ДСУ „Спортска академија“ Скопје почнува потрага по спортски таленти во Република Северна Македонија, коишто ќе бидат дел од училиштето во паралелките за фудбал, ракомет, кошарка и тенис за учебната 2026/2027 година, се наведува во објавениот повик.

Освен во Скопје, предвидени се паралелки и надвор од седиштето, односно во состав на јавни средни училишта низ државата.

Како што е наведено во јавниот повик, паралелки за фудбал ќе има во „Кузман Шапкарев” во Битола, „Мирче Ацев” во Прилеп, „Свети Климент Охридски” во Охрид, „Никола Карев” во Струмица, „Гостивар” во Гостивар, „Моша Пијаде” во Тетово, „Коле Нехтенин” во Штип и во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес. Паралелки за кошарка ќе има во средните училишта „Перо Наков” во Куманово и „Ѓорче Петров” во Кавадарци.

-Целта на ДСУ „Спортска академија Скопје е учениците, спортски таленти, да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена креирана програма за образование и тренинг. За работа со учениците ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт. Кандидатите за упис во прва година во средното училиште ќе бидат селектирани од стручна комисија, соопшти МОН за селекцијата на ученици талентирани за спорт, што ќе се одвива во фази.

Во повикот се наведени детали за термините и локациите за селектирањето на кандидатите за предвидените видови спорт, кое ќе биде организирано во текот на мај.

Back to top button
Close