Митовски: Не го давам СДСМ, премногу жртвувавме за слободата во 2017 за сега да се откажеме

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во гостување на 4ТВ порача дека неговиот политички пат останува цврсто врзан за СДСМ, потсетувајќи на тешките периоди низ кои поминало членството за да се донесат промени во државата. Иако признава дека разочарувањето кај граѓаните е големо, тој смета дека решението не е во напуштање на партијата, туку во нејзино суштинско зајакнување и реформирање.
Одговарајќи на прашањата за својата политичка иднина, Митовски децидно ги отфрли можностите за делување надвор од матичната партија и потсети на клучните моменти што ја одбележале неговата политичка генерација.
„Сите ние кои бевме дел од тешките внатрешни процеси – од Шарената револуција до ‘Крвавиот четврток’ – знаеме колку многу дадовме од себе за да дојдеме до слободата во 2017 година. Влогот е преголем за денес лесно да зборуваме за други опции. Мојата цел е што поскоро да го вратиме СДСМ на победничките патеки“, истакна Митовски, додавајќи дека социјалната состојба дополнително ја продлабочува недовербата кај граѓаните, нагласувајќи дека „26.000 денари не е плата, туку социјална помош“.
Тој се осврна и на перцепцијата во јавноста дека државата се движи во затворен круг, во кој политичките промени не носат суштински резултати. Според него, ваквата констатација мора да се признае, бидејќи довербата во институциите и системот е сериозно нарушена. „Граѓаните повеќе не веруваат во системот и државата. Зборуваме за правда и вредности само на хартија, но кога треба суштински нешто да преземеме, се чини дека има сè помалку волја и решителност“, вели тој.
Митовски смета дека токму недостатокот на конкретна акција е една од главните причини за зголемената апстиненција кај гласачите. Според него, довербата не може да се врати со едноставна ротација на власта меѓу најголемите партии, туку со јасни и видливи резултати кои ќе покажат дека политичарите се подготвени да ги исполнат ветувањата.
„Мојата заложба е СДСМ да не биде само дел од тој круг на смена на властите, туку партија која ќе ја понесе одговорноста за вистинска правна држава“, порача градоначалникот на Крива Паланка.






