Обвинителството смета дека првостепениот суд не направил анализа на доказите поврзани со таткото на Вања
Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски, на денешното рочиште во Апелациониот суд за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, остро ја оспори ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање при грабнувањето.

Обвинителството смета дека првостепениот суд не направил анализа на доказите и не се произнел по клучните околности поврзани со улогата на Ѓорчевски.
„Нема анализа на доказите. Судот не утврдил дали е, дали не е поврзан Александар со кривичните дела. Обвинетиот Александар има клучна улога од првото, до второто дело“, рече Јакимовски.
Според обвинителот, до неделата попладне немало конечна одлука за грабнување на Вања, а токму тогаш, како што наведе, Љупчо Палевски ги повикал Велибор Манев и Боре Видевски да дојдат во Скопје.
„Во моментот кога се во партијата, тогаш таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина“, посочи обвинителот.
Јакимовски се осврна и на однесувањето на Александар Ѓорчевски утредента по исчезнувањето на Вања.
„Тој повторувал: ‘Детето е грабнато и убиено’, по што се упатува па накај Качанички пат, по патеката на која што е однесена Вања во гепек. Па спомнува: ‘Да не е постар човек грабнувачот’“, рече обвинителот.
Тој оцени дека Судот не се впуштил во анализа на ниту еден доказ што, според обвинителството, укажува на поврзаност на Ѓорчевски со настаните.
„Судот не се впуштил во коментар на доказите против Ѓорчевски и за она што му се става на товар. Пресудата нема анализа на доказите. Од неговата улога за првиот неуспешен обид за грабнување па сè до вистинското грабнување“, додаде Јакимовски.
Обвинителот го спомена и фактот декамајката и сестрата на Вања се приклучиле кон кривичниот прогон.
„Да не заборавиме, семејството се приклучува на кривичниот прогон. Улогата на судот спрема семејството е да ја расчисти неговата улога“, рече Јакимовски пред Апелациониот суд, пренесе Скопје1.






