Запрена истрагата против бизнисмените Ратко Капушевски и Јахоски за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино: Нема докази за перење пари и злоупотреби
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, во која беа опфатени 13 лица, меѓу нив и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ.

Од Обвинителството соопштија дека по едногодишна истражна постапка не е утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту пак било утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.
Предмет на истрагата беа сомневања за злоупотреби во постапките за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари.
„Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија“, велат од ОЈО ГОКК.
Во истрагата биле анализирани финансиски и договорни документи, вештачења и искази од сведоци, претставници на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори што поседувале лиценци за трговија со мазут.
Обвинителството тврди дека постапките биле спроведувани транспарентно и дека ЕСМ ги контактирал сите компании со лиценци за трговија со мазут.
„Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари“, наведуваат од Обвинителството.
Според ОЈО ГОКК, мазутот бил навремено испорачуван и во ниту еден момент не било доведено во прашање производството на електрична енергија.
„Во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар“, стои во соопштението.
Обвинителството тврди и дека не е утврдена штета врз ЕСМ или државниот буџет.
„Од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Во делот за сомневањата за перење пари, обвинителството оценило дека исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист.
„Финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства“, наведуваат од Обвинителството.
Против одлуката за запирање на истрагата, оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.
Претходно, полицијата го приведе бизнисменот Ратко Капушевски, а ОЈО ГОКК отвори истрага против 13 лица за злоупотреба на службената положба и перење пари. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во март 2022 година објави дека компанијата РКМ продала 188 илјади тони мазут за ТЕЦ Неготино во вредност од 112 милиони евра во време на енергетската криза.






