Обвинителот Савески- Мицкоски вчера прв пат ми се јави но не разговаравме во детали за предметот „мазут ТЕЦ“
Државниот јавен обвинител потврди дека вчера телефонски разговарал со премиерот Христијан Мицкоски, но демантира дека во разговорот станало збор за детали од предметот поврзан со случајот „мазут ТЕЦ“.
Од Јавното обвинителство на РСМ информираат дека премиерот за првпат телефонски стапил во контакт со државниот обвинител, при што му биле пренесени истите информации што претходно биле јавно соопштени во медиумите.
„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес“, велат од ЈОРСМ.
Оттаму додаваат дека на прашање на премиерот било посочено дека предметот не бил рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал дури по нејзиното донесување.
Во одговорот се потенцира и дека предметниот обвинител од ОЈО ГОКК постапува самостојно согласно Законот за јавното обвинителство.
„Обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“, наведуваат од ЈОРСМ.
Од обвинителството потсетуваат дека уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите институции.






