Кацаров: Привремено сум поставен како директор за вработените да можат да земат плата ?!

„Јас сум вработен во Универзална сала од 2019 и логично е човек од внатре да биде в. д. директор“, вели водителот Мирослав Кацаров, кој од вчера е поставен на оваа функција од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека Кацаров е само привремено решение, а следната недела ќе се распише нов оглас за директор и ги повик сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да аплицираат.

Кацаров вели дека претходно бил вработен во програмскиот сектор за сценска дејност и организирање настани. Јавната установа (ЈУ) Универзална сала Скопје, според Кацаров, сега има повеќе од 20 вработени, а канцелариите се во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

„Прочитав навредливи коментари за мене на социјалните мрежи, но сосема е логично оваа функција да ја извршува некој што повеќе од 20 години е во културата и во музиката. Повеќе од 20 години во моите емисии гости биле луѓе од музиката и општо од културата, а сум организирал и повеќе културни настани. Потекнувам од уметничко семејство. Како роден штипјанец, израснав во Народниот театар во Штип и во Домот на културата ‘Ацо Шопов’. Татко ми е драматург и професор на приватен факултет во Скопје, и беше директор и на двете институции. Јас сум човек од културата, не од земјоделието или од шумарството, па зошто е тогаш чудно што сум вршител на дејност во културна установа?“, вели Кацаров.

Тој додава дека ја знае вистинската ситуација во Универзалната сала, добрите и лошите аспекти и дека негова задача е успешно да ја менаџира и да воведе ред.

„Како вработен овде, знам како треба да се менаџира, ги знам и лошите и добрите аспекти исто како и моите колеги, зашто ние вработените сме белите дробови на Универзална. Јас сум привремено поставен на ова место за да можат да земат вработените плата. Ако нема одговорен на оваа функција, нема да можат да земат“, рече Кацаров.

Водителот додава дека во овој период установата помага во организирањето на културните настани на Град Скопје со програма и со техничка опрема.

Back to top button
Close