Видео: „Легнувај на земја!“ — дузина полицајци апсеа дрзок Холанѓанец кој наводно носел пиштол кај „Силбо“

Холандски државјанин синоќа се однесувал агресивно кај Градежниот факултет во Скопје и бил пријавен дека носел пиштол на појасот. Кога полицајци дошле за да го уапсат, 22-годишниот Холанѓанец им пружил отпор, но тие го совладале, соопшти МВР.
Според информациите, осомничениот со иницијали С.С.С. пред апсењето бил во угостителски локал во близина, каде агресивно се однесувал со персоналот и со гостите, кои забележале дека носи пиштол на појасот. Сопственикот на локалот ја повикал полицијата, а таа интервенирала, но насилникот дал отпор и се обидел да избега накај Градежниот факултет.
На социјалните мрежи се појави снимка од апсењето, која ја пренесоа медиумите. На неа се гледа како десетина полицајци го совладуваат, извикувајќи му наредби на македонски да легне на земја.
Истиот мигрант пред апсењето бил во угостителски објект, каде агресивно се однесувал и носел пиштол на појас. По пријава од газдата, полицијата интервенирала, но тој дал отпор и се обидел да избега кај Градежен факултет. Немал документи ниту сместување во Скопје. pic.twitter.com/Pq9QxNGuCc
— Патриотско Друштво (@Patrioticlub) May 15, 2026
ТВ „Сител“ објави дека при потерата по младиот насилник, полицајците пукале во воздух, но полицијата тоа не го потврдува во официјалното соопштение за инцидентот. Според она што го вели МВР, пиштолот што наводно го носел Холанѓанецот не бил пронајден.
„На 13.05.2026 година во 23:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле 22-годишниот С.С.С. од Кралството Холандија. Тој бил приведен по претходна пријава дека околу 23:35 часот на подрачјето на Центар се однесувал непристојно и го нарушил јавниот ред и мир. Дополнително, во пријавата било наведено дека лицето наводно носело пиштол. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветна пријава“, соопшти МВР.






