Излез од македонската бездна

Дали бојкотот е последниот крик на обичниот граѓанин?

Трифун Костовски

Изминаа цели 35 години како нашата сакана Македонија е независна држава каде сите темелни институции од законодавната, извршната и судската власт се вградени како функционален систем. За жал, само вградени, не и функционални.

Системски Македонија е држава, но функционално кога се во прашање државните и интересите на секој поединец, жител на татковина, не е реализирана како стабилна држава. Граѓаните се маргинализирани.

Плурализмот, како напреден систем, беше вметнат во нашиот устав. За жал, ги покажа најгрдите девијантни појави, изнедрени токму од таквиот систем на заробено судство, послушно законодавство и арогантна извршна власт. Од нив не се создава стабилна туку привидна државност.

Сакам да појаснам дека не е проблем во поставениот систем за нефункционалност на институциите, туку проблемот е во политичките партии и поединци кои добиваат високи и одговорни функции во овие институции, без професионално искуство, знаење и карактер.

Плурализмот кај нас се практикува така што политичките партии на централно и локално ниво не преземаат вистинска одговорност за добиената доверба од граѓаните туку настојуваат да имаат целосна контрола како извршна власт врз законодавната и судската власт. Политичкиот морал е клучниот недостаток во нашиот плуралистички систем.

Болното е што ваквиот вид за контрола на институциите од извршната власт не се практикува од партиите на власт за градење на силна држава и просперитетен живот на граѓаните, туку се практикува само за интересите на победничката партија и нејзините послушници и поддржувачи. Партиите ја бараат довербата од народот, но владеат сосема спротивно, како народот да им должи послушност.

Јавна тајна е дека победничките политичките партии во сите изборни процеси вработуваат свои истомисленици и поддржувачи. Една изборна единица и отворените листи не се техничко прашање, туку прашање на демократија, достоинство и народна контрола врз власта.

Интересот за обичниот граѓанин е маргинализиран. Основно прашање кое се поставува пред мене и пред секој поединец кој сериозно размислува за себе и својата држава е како да излеземе од овој „ќор сокак”.

Базичниот проблем според мене е во Изборниот законик. Промената на овој закон мора да биде суштинска и да се направи час поскоро.

Наместо 6 изборни единици, Македонија треба да биде една изборна единица. Слободни листи на кандидати за парламентарни избори е суштината за овој фундаментален проблем.

Живееме во реалноста каде лидерите на политичките партии одлучуваат за тоа кои кандидати ќе влезат на листите за пратеници, кои кандидати ќе ја сочинуваат идната влада и кои кандидати ќе ги добијат најсилните функции во останатите институции, под контрола на државата.

Ние, обичните граѓани сме третирани само како гласачко тело и ништо повеќе. Ние, граѓаните не смееме да бидеме сами бројка во избирачките списоци, туку да станеме носители на суверенитетот и иднината.

Цели 35 години градиме самостојна држава во континуиран пад, во хронично пропаѓање. Жално е, што последниве неколку години и граѓаните и најмладите почнаа да губат надеж за опстанок на сопствената држава.

Болен е и фактот што излезеноста на граѓаните на избори, од циклус до циклус е процентуално во опаѓање.

Ентузијазмот меѓу нас граѓаните, кој беше силен во почетокот на 90-те години дека навистина градиме модерна држава, денеска е очајно паднат.

Водечките партии во нашата Македонија, се извинувам за дрскоста но ги доживувам како мафијашки банди под плаштот на политичка партија, иако ветуваат не прават никаков исчекор да го променат Изборниот законик.

Како поединец, свесен дека се неопходни сериозни и радикални чекори за создавање на вистинска држава, дојдов до заклучок дека бојкотот на обичните граѓани и гласачи можеби е единственото решение да се вразумат политичките партии и нивните лидери. Ние граѓаните, обичните гласачи, треба да испратиме силни пораки до политичките партии дека не можеме да го продолжиме нашиот секојдневен живот во кој владеат криминалот и корупцијата. За заробена држава и изморен народ, бојкотот може да биде почеток за будење.

Држава и народ каде владее криминал и корупција се осудени на смрт. Со заробено судство и законодавство не може да се гради иднина. Корупција не е само криминал, таа во основа е убиство на надежта, правдата и нашата иднина.

 

Дали постои излез од оваа наша бездна?

Почитувани читатели, животното искуство ме научи дека во секоја безизлезна ситуација може да се најде решение. Можеби ќе биде долго и болно, меѓутоа ние како обични гласачи не смееме да молчиме. Бојкотот можеби не е конечно решение за излез од оваа бездна, но може да биде првата силна порака дека ова вака повеќе не поминува.

Ќе споменам две личности за кои актуелната власт ги поставила и мора сериозно да се замисли. Тоа е актуелниот Гувернер Трајко Славески, Гувернер на Народна банка и актуелниот прв човек на ФК Вардар Миленко Неделковски.

Господинот Славески за извршувањето на јавни функции како бивш Министер за финансии во владата на Груевски, потоа како Претседател на Советот на Град Скопје и сега како ново печен Гувернер на Народна банка, покажа целосна неодговорност и незнаење што тоа значи да бидеш поставен на висока и одговорна функција. Јавноста го доживува како целосно негативна личност.

Господинот Неделковски зад себе веќе има криминално досие за „лепливи раце’. Дадена му е функција да го води најтрофејниот македонски фудбалски клуб во Македонија, каде има сериозно голем проток на финансиски средства. За ваквите лоши кадровски потези не се виновни Славески и Неделковски, туку е виновен тој што ги предложил и изгласал!

Со вакви личности на вакви одговорни функции не се гради туку се разградува државата.

Од сега натаму, ќе го практикувам мојот личен бојкот во сите следни изборни циклуси сѐ до моментот додека не почувствувам промени, најнапред со промена на Изборниот законик и второ со доаѓање на искусни и одговорни личности на клучни позиции во државата. Бојкотот не го доживувам како бегство од одговорност, туку како крик против систем каде одговорноста одамна е суспендирана. Кога гласачот станува заложник, бојкотот е порака до партизираната држава.

Не ја исклучувам можноста за формирање на нов политички субјект кој ќе биде исклучиво посветен за создавање на правична држава со независно законодавно, извршно и судско тело. Посветеноста ќе биде да создадеме оптимални услови за генерациите кои доаѓаат да ја креираат својата иднина без криминал и корупција. Државата треба да биде топол дом за секој граѓанин.

Македонија, растргната меѓу надежта и бездната, мора да ги разбуди своите граѓани. Крајно време е јавно да проговориме.

Back to top button
Close