„Мартиноски“ за 200 фунти во Англија: Колекционерите предупредуваат на можен фалсификат

Британската аукциска куќа Woolley & Wallis во каталогот за летната аукција закажана за 2 јуни објави дело припишано на Никола Мартиноски, со проценета вредност од само 200 до 300 британски фунти и почетна цена за наддавање од нула фунти.

Сликата, заведена под називот „Study of Man smoking a Cigarette“, веднаш предизвика реакции кај македонските колекционери и познавачи на уметноста, особено поради ниската проценка и сомнежите околу нејзината автентичност.

Колекционерите ваквите неочекувано појавени дела ги нарекуваат „sleeper“ — слики кои долго време биле „заспани“ во приватни колекции или непознати архиви, а потоа одеднаш се појавуваат на пазарот.

Но, според анализите на дел од домашните познавачи, токму тука почнува сомнежот. Делото очигледно потсетува на познатиот автопортрет на Мартиноски од 1931 година, но со значајни стилски разлики — од тенкиот слој на боја и изменетата композиција, до поинаквиот третман на очите, раката и позадината.

Оригиналот изгледа вака и се наоѓа во Скопје

Критичарите оценуваат дека недостасува препознатливата кубистичка структура и длабочина што Мартиноски ја градел под влијание на париската школа и уметници како Пабло Пикасо и Фернан Леже.

Посебно спорен е потписот „N.S. Marz“, како и фактот што делото е изработено со техника и естетика што, според критичарите, не одговараат на зрелата фаза на Мартиноски.

„Се работи за очигледен фалсификат и стапица за колекционерите“, предупредуваат дел од познавачите, потсетувајќи дека речиси секоја година на меѓународни аукции се појавуваат сомнителни дела потпишани како Мартиноски или Личеноски по необично ниски цени.

Информациите се преземени од Фејсбук страницата Artlexicon.

Извор: 48часа

Back to top button
Close