Бакарот достигна 14.000 долари за тон – светот инвестира, Македонија во статус кво
Светските пазари бележат нов раст на цената на бакарот, кој сè повеќе се смета за клучен метал за глобалната економија и зелената транзиција.

Поради зголемената побарувачка во Кина и можните нови царини во САД, бакарот достигна 14.000 долари за тон на Лондонската берза. Аналитичарите очекуваат трендот да продолжи и во наредните години.
Во Македонија, пак, сè почесто се отвора дебата дали земјата треба да остане извозник на суровини или да развива сопствени капацитети за преработка, со што би се создала поголема додадена вредност за домашната економија.
Ризиците за снабдување се интензивираа и поради воените дејствија во регионот на Заливот, бидејќи се очекува намалувањето на снабдувањето со сулфур од Блискиот Исток да влијае на глобалното производство, зашто приближно една петтина од светскиот ископан бакар се потпира на сулфурна киселина како инпут во производството.
Дополнително, американските инвеститори сега чекаат ажуриран извештај од секретар за трговија на САД за домашниот пазар на бакар, кој треба да биде доставен до 30 јуни. Во исчекување на одлуката за царината, досега оваа година, цените на бакарот се зголемија за повеќе од 10%.
Додека светот трага по бакар, Македонија не ги искористува своите потенцијали. Според информациите, од четирите актуелни рудници за метали кај нас само рудникот „Бучим-Боров дол“ ископува бакар, но капацитетите таму се намалуваат. Активна концесија за геолошки истражувања за бакар и злато во моментов има во кратовско, а геолошки истражувања за бакар, олово, цинк, злато и сребро има и компанијата „РИ Пела“, која сепак фокусот најверојатно ќе го постави на истражувањата за антимон во кривопаланечко.
Геолошки истражувања за бакар во Иловица веќе спроведе компанијата „Еуромакс ресоурцес“, на која поради административни и правни пречки не и е доделена концесија за експлоатација. Истражувањата покажаа присуство на повеќе од 500 милиони тони минерализирана руда која содржи бакар и злато. Со планирано производство од 16.000 тони бакар годишно, рудникот Иловица-Штука би можел да генерира извоз во вредност од околу 200 милиони долари годишно, зависно од движењето на светските берзански цени на бакарот.
Според истражувања на геолозите Македонија поседува големи количества на бакар, а тоа се потврдува и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 која ја изготви МАНУ.
„Македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност“, пишува во Стратегијата.
Според авторите, Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти. Во Стратегијата се потенцира дека властите треба да иницираат повеќе геолошки истражувања и додаваат дека земјава поседува минерали како бакар, олово, цинк и други. Сепак, во Македонија нов сериозен рудник се нема отворено во изминатите четириесет години. Нов стимул се очекува со најавените закони за рударство и геологија, кои би поттикнувале нови инвестиции во рударството со запазување на еколошките стандарди.






