ВЛЕН: Против кого протестираат децата на функционерите на ДУИ? Против сопствените родители?

Владината коалиција ВЛЕН упати нови сериозни обвинувања до Демократската унија за интеграција (ДУИ), тврдејќи дека протестите на дел од студентите воопшто не се автентични, туку се директно диригирани од партиското седиште во Мала Речица. Според ВЛЕН, опозициската партија користи семејни и партиски врски за да ги инструментализира младите во обид за дестабилизација на политичките процеси.
Во соопштението се нагласува дека ДУИ намерно го премолчува сопствениот децениски неуспех да ги реши институционалните барања на Албанците.
„Цела јавност веќе сфати дека некои „студенти“ влегоа во валканата игра на ДУИ. Овие не ги претставуваат студентите, туку агендата на ДУИ. Ги користат како алатка за да ги вратат во живот Бујар Османи, Блерим Беџети, Талат Џафери… 20 години ДУИ имаше министри, пратеници, претседател на Собрание, технички премиер, директори и апсолутна власт. А правосудниот испит на албански јазик не го средија никогаш, туку само оставаа пречки и кочници. Истите тие што молчеа сите овие години, сега ги пуштаат децата на своите функционери по протести. Прашањето е едноставно. Против кого протестираат? Против сопствените родители?“
Од ВЛЕН уверуваат дека за разлика од претходната власт, актуелното владино мнозинство ќе пристапи кон системско и одговорно решавање на образовните и правосудните пречки.
„Ова е прочитана и провидна игра, осудена на пропаст уште од старт. Овој филм нема да им помине. Нема да дозволиме младите да се користат за политички агенди на ДУИ. Правосудниот испит на албански јазик, како и сите прашања што овие фотељаши ги оставија недовршени, ВЛЕН ќе ги реши одговорно. Времето на политичкиот агалук заврши. Студентите не се ничија сопственост, ниту спасувачки појас за очајните функционери на една распадната партија.“
Извор: press24.mk






