Скопје Прајд 2026 ќе се одржи на 20 јуни под слоганот „Сите нека знаат“

Под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“, на 20 јуни во Скопје ќе се одржи овогодишната Парада на гордоста.

Организаторите соопштија дека Скопје Прајд 2026 се одржува во период на сериозни политички и општествени предизвици, како и зголемена омраза и дискриминација кон ЛГБТИК+ заедницата.

„Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат“, порача организацискиот одбор.

Годинава парадата ќе има изменета и подолга рута, за која организаторите велат дека е симболична порака дека јавниот простор им припаѓа на сите граѓани.

Собирот ќе започне во 18 часот кај фонтаната во Градски парк, а маршот ќе стартува во 19 часот. Поворката ќе се движи по булеварот „Илинден“, „Рузвелтова“, „Партизански одреди“, булеварот „ВМРО“ и улицата „Димитрије Чуповски“, а ќе заврши во паркот „Жена-борец“.

Организаторите велат дека слоганот „Сите нека знаат“ е одговор на, како што наведуваат, обидите за замолчување и бришење на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор.

Во однос на безбедноста, информираат дека се во редовна координација со Министерството за внатрешни работи и полицијата за непречено одржување на настанот.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close