Петровска по собраниската седница: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против предлозите за поддршка на граѓаните, а експресно одобри нов долг
Поранешната министерка и актуелна пратеничка Славјанка Петровска излезе со јавна реакција по денешните гласања во Собранието, обвинувајќи го владејачкото мнозинство за двојни аршини и лицемерие.

Преку својот официјален профил, Петровска таксативно ги наведе предлозите кои, според неа, не ја добиле поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.
„Денес ВМРО-ДПМНЕ гласаше против: членовите на Владата да имаат само македонско, а не и бугарско државјанство поддршка за ученици што се натпреваруваат меѓународно подобра здравствена и медицинска поддршка за деца со попреченост и лица со ретки болести помош за најранливите граѓани во време на скапотија олеснувања за паркирање за лица со попреченост, аутизам и нивните семејства“, напиша таа.
Од друга страна, опозициската пратеничка посочи дека мнозинството без одложување дало зелено светло за нови финансиски обврски на државата.
„Ама затоа експресно гласаа за ново задолжување од 260 милиони евра“, потенцираше Петровска во својата објава.
Во продолжение на својата реакција, таа упати директни критики до владејачката партија за начинот на кој ги води државните и граѓанските прашања.
„Кога треба да се покаже патриотизам на дело — молчат. Кога треба да се расчисти кој со какво државјанство ја води државата — гласаат против. Кога треба нов долг — тогаш се први. Ова не е патриотизам. Ова е лицемерие“, реагира пратеничката.
На крајот, Петровска порача дека јавноста очекува поинаков одговорен пристап од оние кои ја предводат извршната власт во државата.
„Граѓаните заслужуваат власт што ќе ги брани нивните интереси, а не своите двојни аршини“, заклучи Славјанка Петровска






