Ајдари до Сали: Ја утнавте работата со правосудниот испит – Сали: Проблемот ќе се реши и испитот ќе се полага и на албански

Протестот на студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик беше една од темите на опозициските пратенички прашања во Собранието. Пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт упати прашање до првиот вицепремиер Беким Сали за ставот на Владата и Министерството за правда, откако беше соопштено дека барањето за полагање на испитот на албански јазик не е прифатено.

Ајдари во своето обраќање посочи дека, според неа, Министерството за правда постапило спротивно на очекувањата на студентите и дека нивните барања биле одбиени. Таа нагласи дека ова прашање директно се однесува на правата на студентите Албанци и побара објаснување како Владата ги носи одлуките во вакви случаи.

„Заменик премиер ја утнавте работата со законот за правосудниот испит каде што требаше да се реши овој проблем за давање на испитот на албански јазик… Како ги раководите одлуките кои легитимираат неприфаќање на албанскиот јазик кај албанските студенти“, рече Ајдари.

Вицепремиерот Беким Сали одговори дека Владата ги слушнала барањата на студентите и дека во најскоро време ќе се изнајде решение за ова прашање. Тој додаде дека правото на протест е легитимно, но истовремено упати критики кон ДУИ, наведувајќи дека во изминатите 22 години не било направено доволно за да се регулира ова прашање.

„За прв пат централната власт го слушнала гласот на студентите и ќе го реши нивниот проблем еднаш засекогаш. Ќе се полага на албански јазик и тоа ќе го покажеме многу наскоро…“, изјави Сали.

Ајдари дополнително го отвори прашањето за евроинтеграциите и уставните измени, прашувајќи дали ставот на дел од политичките субјекти значи отстапување од европската агенда или недоволна подготвеност за спроведување на обврските.

Вицепремиерот Сали одговори дека Владата останува целосно посветена на евроинтегративниот процес и дека тоа се потврдува преку исполнување на реформската агенда и европските стандарди.

Back to top button
Close