Филипче: Прегледувам пациенти секој ден, а еднаш неделно влегувам во операциона сала

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче,  откри дека и покрај политичките обврски, секојдневно работи со пациенти, а еднаш неделно влегува и во операциона сала. Филипче посочи дека никогаш не ја напуштил својата професија како неврохирург, а воедно нагласи дека како професор е активно вклучен и во наставниот процес на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” , каде што држи предавања и испити за студентите, се наведува во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

-Прегледувам пациенти секој ден, прават доаѓаат луѓе за консултација, мислења, а еднаш неделно влегувам во операциона сала. Држам и предавање и испити. Јас предавам васкуларна, неврохирургија, траума и сега функционална. Ние имаме еден специфичен начин, поделени се студентите од петта година во повеќе групи, точно се знае во семестарот кога се предавањата- изјави Филипче.

Говорејќи за предизвиците во медицината и политиката, Филипче нагласи дека и двете професии ги обединува желбата да им се помогне на луѓето.

-Предизвикот е на двете места еднаков. Во едната ситуација се спасуваат животите и веднаш се видливи резултатите. Во другата ситуација, во политичкиот живот, резултатите доаѓаат малку подоцна. Меѓутоа, што ги обединува двете работи? Желбата и волјата да им се помогне на луѓето. И сметам дека политиката дава дополнителни инструменти преку имплементирање и креирање на политики, да повеќе луѓе видат бенефит, повеќе луѓе конечно живеат подобро и во држава како што замислувале со децении наназад- изјави Филипче.

Во интервјуто, Филипче нагласи дека и покрај честите коментари дека има „златна професија“, тој никогаш не ја напуштил неврохирургијата и верува дека политиката може да биде чесна професија.

-Јас не сум ја напуштил мојата професија. Јас неврохирургијата не сум ја напуштил. Јас не би рекол дека политиката е лоша професија. Лоша е перцепцијата поради лошите практики кои што се имплементираат на пример сега. И да бидам целосно фер, со години наназад и тоа е мојот предизвик. Конечно да се сменат работите. Да знаат луѓето дека и политиката може да е чесна професија, да се работи за доброто на луѓето, а не за сопствен бенефит- порача Филипче.

 

Филипче: Мицкоски и Сиљановска признаа, Преспанскиот договор не го загрозил македонскиот идентитет

Мицкоски и Сиљановска признаа, Преспанскиот договор не го загрозил македонскиот идентитет, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на Македонската радио телевизија.

Филипче посочи дека ако се споредат поранешните со сегашните ставови на Сиљановска-Давкова и Мицкоски за Преспанскиот договор, јасно се гледа дека тие свесно со својата пропаганда ја манипулирале јавноста.

-Како говореше сегашната претседателка Сиљановска-Давкова, дека Преспанскиот договор е предавство, дека го загрозува националниот идентитет и дека таа никогаш нема да го користи уставното име. Како говореше премиерот Христијан Мицкоски дека тој е ВМРО-ДПМНЕ и дека Преспанскиот договор не е завршена работа. Жената била свесна дека лажела, дека кога говорела дека тоа е спротивно на нашиот Устав, меѓународното право, тоа никако сепак не го загрозува националниот идентитет. И тоа е исто за целата пропаганда на ВМРО- рече  Филипче.

Воедно, Филипче потсети и на членот 7 од Преспанскиот договор, кој, како што рече, јасно го признава постоењето на македонскиот народ, култура, јазик и историја.

-Таму има и член 7 кој вели дека овде има народ со своја култура, јазик и историја. Значи не е загрозен народот, културата и историјата- нагласи тој.

Тој додаде дека највисоките државни функционери на Владата на ВМРО применуваат двојни стандарди пред меѓународната и домашната јавност.

-Луѓето свесно лажат. Тогаш не би говореле пред странците дека договорите се добри. Еве сега признаа дека сето тоа било една црна кампања дека сме ние предавници, дека Преспанскиот договор го загрозува народот, идентитетот и јазикот, а не е тоа вистината- рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче нагласи дека СДСМ секогаш бил конзистетен во ставовите и политиките, особено во однос на европскиот пат, додавајќи дека единствениот начин за напредок на земјата и подобра иднина за сите граѓани, е членството во Европската Унија.

-Ние сме конзистентни во нашите политики, без разлика дали сме во опозиција или на власт. Нема друг пат за оваа држава, освен европскиот пат. Нема друга иднина, освен европската, за државата. Но, оваа пропаганда која власта ја имплементираше и за време на опозициските години и сега продолжува, постепено се распаѓа- рече Филипче.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close