МВР: Тројца приведени на протестот пред Правда поради нарушување на јавниот ред и мир
Полицијата приведе три лица на протестот што попладнево се одржа пред Министерството за правда поради нарушување на јавниот ред и мир, соопштија вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во 17:45 часот полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје приведоа три лица, македонски државјани, пред Министерството за правда поради нарушување на јавниот ред и мир“,се вели во полициското соопштение.
Попладнево се одржа протест на кој студенти излегоа со барање да се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Знаењето нема забранет јазик, Не допирајте ја нашата иднина, Закон на хартија, дискриминација во практика, беа дел од нивните пораки што ги носеа на транспаренти.
Дел од медиумите објавија дека на денешниот протест пред Правда се случил инцидент во кој настанала тепачка меѓу група млади лица.
Телевизијата Алсат информира дека дел од учесниците во инцидентот се приведени од страна на полицијата.
Ова е видеото што на социјалната мрежа Инстаграм го објави медиумот на албански јазик „Ора24“.
Студентите на протестот, покрај транспарентите со пораки за почитување на Законот за јазиците, во рацете држеа и албански знамиња. Сепак, можеше да се забележи дека се вее и американското знаме.
Беа истакнати и повеќе транспаренти со политички пораки.
Ова е втор собир организиран од студентите по, како што велат, одбивањето на нивното барање од страна на Министерството за правда.






