„Додека ДПМНЕ пропагира многудетни семејства, секое трето дете живее во сиромаштија“, велат од Левица
Од Левица преку соопштение обвинија дека државата не обезбедува доволна грижа за детскиот стандард, и покрај, како што велат, честите повици од власта за зголемување на наталитетот и поддршка на многудетните семејства.

Од партијата посочуваат дека според достапните податоци секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, а најпогодени се повеќедетните семејства, децата на самохрани родители и децата во социјален ризик.
Во соопштението се наведува дека иако постојат мерки како детски додаток, надоместок за трето дете и стипендии, тие не даваат доволни резултати.
Според Левица, износите на социјалните надоместоци се ниски и не се усогласувани со растот на трошоците за живот, додека критериумите за добивање помош се премногу строги.
„Неретко деца од социјален ризик се одбивани, само затоа што еден од родителите имал нива или возило“, наведуваат од партијата.
Од Левица оценуваат дека детскиот додаток, кој изнесува од 1.800 до 3.000 денари, не може да ги покрие основните месечни потреби на децата, особено поради растот на цените на храната и основните производи.
Партијата ја обвини власта и за, како што наведуваат, лицемерен однос кон социјално ранливите категории.
„Наместо поддршка, сиромашните родители добиваат понижување, чекање по шалтери и бескрајни проверки, додека децата плаќаат цена за туѓата неспособност и негрижа“, се наведува во реакцијата на Левица






