Падна одлука за ЕЕС системот: По Швајцарија и Хрватска донесе закон за долгорочни визи за професионалните возачи
Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, преку социјалните мрежи соопшти дека Хрватска официјално го усвои новиот закон кој носи олеснување за македонските транспортери.

Новата регулатива доаѓа како директен одговор на предизвиците со кои се соочуваат возачите при влез во европските земји.
„Во Хрватска е усвоен законот со кој професионалните возачи ќе можат да добиваат долгорочни визи“, објави Николоски.
Според него, ваквиот правен чекор претставува директно олеснување на процедурите кои настанаа по промените во европската сообраќајна зона.
„Тоа е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на ЕЕС системот во Шенген зоната. Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи“, потенцира министерот.
Тој појасни дека оваа законска измена е плод на претходни билатерални разговори и договори со хрватските власти.
„Ова е реализација на договорот што го направивме со вицепремиерот и министер Олег Бутковиќ во Јануари годинава“, истакнува Николоски.
На крајот од своето излагање, тој посочи дека Хрватска не е единствената земја која воведува ваква практика и најави слични очекувања и за во иднина.
„Швајцарија веќе издава долгорочни визи. Очекуваме и други држави да се приклучат. Продолжуваме кон конструктивни решенија за нашите професионални возачи“, заклучува Александар Николоски.





