Болни амбиции?!
Да имавме грам ум, ние ќе бевме во ЕУ пред сите источно-ервопски држави. Просечната плата сега ќе ни беше над 3000 евра, а децата ќе ни беа дома. Но, ние сме болно општество водени од болни водачи со ептен болни амбиции
Мерсел Биљали
Дефинитивно, во ЕУ разбрале дека не поседуваме ниту елементарен внатрешен капацитет за мултиетничност. Разбрале дека имаме вроденa биолошкa маана за толеранција, демократичност и потребите на другите. Дека не поседуваме ниту елементарен капацитет и потенцијал да ги разбереме потребите на другите. За едни не постои логичност и нормалност во толкувањето на закон кога се во прашање потребите на другите. Ваква (не)функционалност веќе наликува на здодевен и изморен брак пред распад кога секаков резон упатува кон тоа – подобро ужасен крај отколку ужас без крај.

Па има ли поголем ужас кога едно обично техничко прашање – потзаконски акт за „правосуден испит“ создаваме хаос во државата. За обична процедура создадовме опасен меѓуетички конфликт и регионална дестабилизација?! Што е најлошо, тие акции и реакции, во голема мера не се резултат не културолошки хендикеп кај обични луѓе, колку кај поедини партиски водачи, кои можеби имаат друга лична агенда за иднината на овдешни луѓе без да ги праша! А јавно се молиме на Господ додека ни аплаудира ѓаволот!
Нормалниот Запад дефинитивно има сериозен проблем да ја разбере овдешната количина ненормалност кај едни луѓе од врвот на власта или политички партии! Јасно е дека овие се лични агенди на поедини партиски лидери, од самиот факт што не постои спонтана маса луѓе кои се спротиставуваат на ептен баналното прашање на кој јазик ќе се полагал правосуден испит! Поголема глупост – здравје! Сепак мислам дека се работи за поединци со други политички опции за државата, иако некој министер сам себе си ставил самар! Таа нивна агенда, која рака на срце нема поддршка и од голем процент македонски граѓани, е пред самото умирање. Првин, умрел почесниот татко на српскиот свет Виктор Орбан. Второ, во кома е и биолошкиот татко на српскиот свет Александар Вучиќ, за кого многумина се убедени дека глуму голем националист оти е исфрустриран, наводно поради тоа што биолошкиот татко му бил некој албанец од Косово. Тоа со години се врти по социјалните мрежи низ Балканот, а најмногу низ Србија. На несреќниот Вучиќ веќе му ги испочупале тие убави паунови пердуви и го претворија во расчупана чавка. Со години тој истовремено седнувал на четири столчиња и јадел од сите четири чинии.
Но, ај да се вратиме на темата. Која е причината за да се драматизира и демонизира полагањето правосуден испит на мајчин јазик, кога денес можете и да докторирате на тој јазик?! Одговорот е сличен на причината зошто бугарската етничка заедница не се вметнува во Уставот! Ако се поаѓа од примитивната логика дека бугарскиот јазик е штетен, дури и опасен за државата, неминовно се поставува прашањето, па како српскиот јазик да не ти бил опасен?! Во сето ова вистинска опасност е паранојата или задните намери кои ги имаат едни лица во врвот на државата кои до небо се заколнуваат дека додека се тие живи (претпоставувам политички), никогаш нема да ги стават Бугарите во Уставот. А тие се наши граѓани, кои не се виновни за ништо, освен за тоа што Господ одлучи да се Бугари. Едни луѓе го преколнуваат и Господ поради тоа. Тука норманоста е проблематично, а мислевме дека ненормалноста неповратно е заминато во минато. Но, гледаме дека таквата ненормалност и кога спие параноично држи отворени очи.
Таа партија почетно беше анти-српска и про-бугарска, а сега еволуирала сосема обратно. Не е случајно што вметнување бугарско малцинтво во Уставот на РСМ се доживува како фрлање змија околу вратот. Штом ќе се каже нешто добро за Бугарите тој дел од луѓето се обезумува. Ама молчи за Србите. Српската пратеничка од македонско потекло Милица Стаменковска пред година дена со своја тајфа се качи на Солунска глава и се гордеела со тоа што „српскта војска“ ја ослободи „својата земја“! Никој ни збор не кажа. Од вмровската власт ниту крик ниту буква! Да го кажеа тоа Бугарите ќе и објавивме војна на Бугарија!
Претседателката не знае што зборува!
Председателката на джавата Гордана Силјановска цело време папагалски повторува дека копенхашките критериуми се единствени услови за зачленување во ЕУ. Имам предчувство дека таа воопто ги нема прочитано тие копемхашки критериуми. Манипулира и со основните правила во врска со зачленувањето на државата во ЕУ. Вели дека не се потребни Уставни измени. А токму во тие копенхашки критериуми во делот „Политички критериуми“ се вели дека државата треба да почитува „малцински права, заштита на малцинствата и културни права“. Значи без таквите права на Бугарите нема ЕУ за нас. Па нели цело време се инсистире на тоа дека македонскиот јазик е засебен јазик (различен од бугарскиот). Вметнувањето на Бугарите во Уставот е имеративна обврска. Ако некој приговара дека тоа не го имаат направено едни држави членки, одговорот е дека тој воз ние ја пропуштивме во 2004 година. Од тогаш, секое ново задоцнување раѓа нови обврски. Да имавме грам ум, ние ќе бевме во ЕУ пред сите источно-ервопски држави. Просечната плата сега ќе ни беше над 3000 евра, а децата ќе ни беа дома.
Никако умот да ни дојде
Се чини дека од почеток ја утнавме работата газејќи по нормалноста, па и по 35 години умот никако да ни дојде. Бевме меѓу првите држави за членство во ЕУ, а сега талкаме по пустината или џунгла не знаејќи кај одиме. Или сме пациент кој не сака да оздраве, или пак среќата и нормалноста бегаат од нас, оти првин ние бегаме од нив. Од едноумие стасавме до тотално безумие! Полни 35 години без развој, а тој „трул“ социјализам за 35 години 12 пати го зголеми човечкиот стандард. Како причина, едни ја посочуваат лошата приватизација, други лошото лидерство, трети дека сме комплексивно општесто, четврти вината ја бараат во изборните модели и системи, пети дека сме заробена држава на 4-5 фамилии кои не сакаат ЕУ оти им ги расипува црните бизнисни монополи. Како и да е, ние сме болно општество водени од болни водачи со ептен болни амбиции. Кај нас глупоста, незнаењето, неидејноста и криминалот продолжуваат да бидаат општо јавно добро. Дури и тие малобројни лидерски средби наликуваат на убава колекција ножеви зад грб. Ниту најголеми непријатели не би ни наштетиле колку што самите го правиме тоа. Целиот политички ангажман е фокусиран кон секакви наредни избори, а никако кон наредните генерации! Секое нормално општество претендира да создаде нормални институции, нормалми односи и нормални луѓе, кое пренствено е можно само при нормални партиски лидери.






