WE WILL ROCK YOU – КОНЦЕРТ НА МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ЕНТЕРПРАЈЗ

Замислете сцена на која стојат деца со инструменти во раце – инструменти кои некогаш се поголеми од нив. Замислете го мигот кога започнува првиот тон и тие мали деца растат пред вашите очи, се трансформираат и стануваат професионалци кои владеат со сцената. Добредојдовте на концертот на Ентерпрајз.
Концертот наречен „We Will Rock You” кој ќе се одржи на 7 јуни (недела) на отворената сцена во

Паркот на Франкофонијата, претставува уникатен концепт изграден од Ентерпрајз низ години на искуство, со кој сите ученици имаат можност и простор да и се претстават на публиката во повеќе различни формации и да покажат се што знаат. На овој концерт кој ќе трае 120 минути ќе се изведат 25 кавери на најпознатите рок класици – секоја изведена од различен бенд, со нови гласови и нова енергија на сцената.
Рок музиката е еден од најмоќните и најздрави начини на кои тинејџерите ја изразуваат и ја канализираат својата енергија, бунт и емоции. Во фазата на растење, кога внатрешните притисоци се интензивни, а потребата за изразување е огромна, рокот функционира како незаменлив издувен вентил. Сепак, и покрај оваа очигледна вредност, рок музиката е хронично недоволно застапена во јавните настани и институционалните програми. Ентерпрајз го менува тоа со систематска работа и со концерти кои го докажуваат дека рокот не е само бунт – туку и дисциплина, тимска работа, уметност и инспирација.

Музичкото училиште Ентерпрајз е првото и најголемото рок училиште во Северна Македонија, основано во 2002 година и работи под водство на Валентино Скендеровски. Низ повеќе од две децении, Ентерпрајз прерасна во институција која ги открива, инспирира и образува новите генерации на рок и поп музичари. Филозофијата е едноставна: учењето на музика треба да биде весела и забавна активност, а резултатите – видливи, мерливи и инспиративни. Ентерпрајз не гради само музичари. Гради луѓе – самоуверени, тимски ориентирани, способни да застанат пред огромна публика и да владеат со сцената. Концертот „We Will Rock You” е најдобриот доказ за тоа.
Концертот „We Will Rock You” е дел од Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година. Влезот е слободен и отворен за сите посетители.
Датум: 7 јуни 2026 (недела) Место: Парк на Франкофонијата, Скопје Почеток: 21:00






