Охрид СОС алармира: Багери удрија врз охридско наследство, Единствена информација добиена од работниците е дека се расчистува просторот за зграда.

Баравме итно запирање на новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, кој претставува сериозна закана за културното и архитектонското наследство во самиот центар на Охрид. Планот предвидува рушење на неколку значајни објекти, меѓу кои и уникатната градска куќа која идната година (1927) треба да заокружи еден век, како и Здравствениот дом – Маларична, исто така изградена пред безмалку еден век. Дополнително, под удар се и две вредни згради од модерната архитектура – детската градинка и старата училишна зграда на ООУ „Григор Прличев”. Со неговата реализација, а за изградбата на четирикатница долга преку 100 метри и комерцијални објекти, би бил уништен училишниот парк, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и трајно би се нарушил изгледот и духот на оваа мирна урбана целина.
Ваквиот урбанистички план е спротивен на принципите на заштита на културното наследство и носи непоправливи последици за урбаниот пејзаж на Охрид. Наместо почит кон историските слоеви на градот, се предлага бришење на објекти кои се дел од колективната меморија на охриѓани. Граѓаните не беа соодветно информирани и вклучени во процесот, што дополнително го поткопува легитимитетот на донесените одлуки.
Баравме повлекување на урбанистичкиот план и изработка на ново решение кое ќе ја почитува историјата, културниот идентитет и интересот на граѓаните. Дополнително, ќе биде ускладен со Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Со зачувување на овие објекти и јавни простори, ги штитиме не само архитектонската вредност, туку и автентичниот дух на градот. Апелиравме до надлежните институции да ја слушнат волјата на заедницата и да преземат одговорност пред историјата и идните генерации. Беше креирана и петиција која собра над 1000 потписи.






