ДиВејн Стјуард Јуниор, ново име во составот на македонската кошаркарска репрезентација


Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација ќе добие ново име во своите редови.

Како што вечерва објавио КФСМ, американскиот кошаркар ДиВејн Стјуард Јуниор ќе биде новиот натурализиран играч на националниот тим, со што селекторскиот стручен штаб добива уште една квалитетна опција во бековската линија.

Роден на 28. јули 1999 година во Мисисипи, САД, Стјуарт е висок 198 сантиметри и настапува на бековските позиции.

Неговата кошаркарска приказна започнува во НЦАА лигата, каде го носеше дресот на Мисисипи Стејт Булдогс, еден од познатите универзитетски програми во САД.

Во колеџ периодот се профилираше како еден од најдобрите играчи на својот тим. Во сезоната 2020/2021 беше лидер на Мисисипи Стејт, со просек од 16 поени, 3,4 скока и 3,1 асистенција по натпревар, покажувајќи квалитети како реализатор, но и кошаркар кој може да креира за соиграчите.

Неговите настапи му донесоа признание и место меѓу најдобрите играчи во силната SEC конференција.

По завршувањето на колеџ кариерата, Стјуарт го направи следниот чекор кон професионалната кошарка.

Беше дел од НБА развојната лига, каде настапуваше за Сиукс Фолс Скајфорс и Остин Спарс, собирајќи искуство во системот кој е директно поврзан со најсилната кошаркарска лига во светот.

Европскиот предизвик го донесе во редовите на Цедевита Олимпија, каде се адаптираше на поинаков стил на игра и ја продолжи кариерата на високо ниво. Во европската кошарка покажа дека може да биде значаен фактор со својата атлетика, игра „еден-на-еден“, способност да погодува од дистанца и агресивност во нападот.

Стјуарт е играч кој носи комбинација од брзина, физичка моќ и офанзивен потенцијал. Може да игра со топка во раце, да креира позиции за шут и да биде опасност во транзиција. Токму овие карактеристики се очекува да бидат дополнителен квалитет за македонската репрезентација, особено во натпреварите каде е потребен индивидуален квалитет и поголема ширина во нападот.

Со пристигнувањето на Ди-Џеј Стјуард Јуниор, Македонија добива нов натурализиран репрезентативец, кошаркар со НЦАА, развојно НБА и европско искуство, од кого се очекува да биде важна алка во новиот циклус на сениорскиот национален тим.

Back to top button
Close