Ристовска му врати на Савески: Не е точно дека Талир 2 ќе беше во моја надлежност доколку не поднесев оставка

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска реагираше на тврдењата на државниот јавен обвинител Савески поврзани со предметот „Талир 2“, посочувајќи дека не е точно дека предметот ќе бил во нејзино надлежно постапување доколку не поднела оставка.

Во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“, Ристоска објаснува дека како обвинител за врски, согласно правилникот за предлагање и упатување јавен обвинител за врски на Северна Македонија во Европравда, по правило можела да постапува по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок и по предмети по кои претходно постапувала, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител.

Според неа, предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку таа постапувала по него врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.

„Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет“, наведува Ристоска.

Таа додава дека за ова лично го информирала обвинителот Савески на состанок пред да ја поднесе оставката, како и дека му посочила дека доколку бидат повлечени овластувањата по предметите по кои работела, тоа ќе биде причина за нејзино повлекување.

„Мојата оставка беше моја одлука, но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, напиша Ристоска.

Нејзината реакција следува по изјавите во јавноста за тоа дали предметот „Талир 2“ би останал во нејзина работа доколку не ја напуштеше функцијата.

Back to top button
Close