Случај Михаилова – нова сопка меѓу Софија и Скопје
Катерина Блажевска
Додека во македонската јавност се поставуваат прашања дали и каков дијалог се води со Бугарија, под или надвор од радарот, од јавно достапните соопштенија извесно е дека од страна на Софија во моментов најмногу се води разговор на една тема: Ива Михаилова. Ретко се случува на страницата на бугарското МНР да се видат последователни соопштенија на една иста тема, како што е во случајот со младата девојка од Кочани, која својот живот и кариера ги градела во Бугарија.
Како и во сите случаи досега, проблемот настанува кога засегнато лице со двојно државјанство ќе се повика на бугарското, по што се активираат институциите во Софија. Младата Ива Михаилова во С.Македонија е обвинета за кривичното дело „Тешки дела проти безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по сообраќајна несреќа од октомври лани, во која едно лице го изгуби животот, а други беа повредени, меѓу кои и обвинетата. Таа ја отфрла одговорноста за несреќата и тврди дека настанална поради други околности, а не по нејзина вина. Во исто време, како последица на повредите со кои се здобила, а врз основа на медицинска документација, нејзината одбрана тврди дека Михаилова не може да се лекува во С. Македонија и бара да се укинат изречените мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето во Кочани и за одземање на патните исправи.
Софија реагира до Скопје
Бугарското МНР на 14-ти август соопшти дека негови претставници се сретнале со Христина Михаилова, мајка на Ива, откако судот во Кочани го одбил барањето да ѝ биде дозволено да ја напушти Северна Македонија за да го добие потребниот третман за нејзиното невролошкo заболување. Од соопштението произлегува мајката на Ива се надева оти дипломатскиот притисок треба да резултира со позитивна одлука на повисокиот суд.
„Г-ѓа Михаилова посочи дека продолжува да се потпира на поддршката од бугарските институции за позитивна одлука од страна на Апелациониот суд во следните неколку дена, што би ѝ овозможило на нејзината ќерка да го добие непходното лекување. Од страна на МНР беа дадени категорични уверувања дека бугарската држава ги користи сите расположиви канали за комуникација со Република Северна Македонија, за да се земат предвид неоспорните хуманитарни аспекти на случајот и Ива да го добие потребниот третман и шанса за максимално закрепнување што е можно поскоро. Случајот е покренат преку официјални дипломатски канали до властите на Република Северна Македонија, со барање за навремено решавање“, се наведува во соопштението од бугарското МНР.

На случајот одамна му е дадено големо медиумско внимание. Тоа го искористија двајца пратеници од бугарската десничарска партија „Преродба“, кои иако од лани имале забрана за влез во С. Македонија поради нелегално преминување на границата, на почетокот на август годинава сепак успеале повторно да ја преминат за да присуствуваат на рочиште за овој случај во Кочани. Тогаш од МВР соопштија дека Внатрешната контрола ќе го испита случајот и ако има пропусти ќе има одговорност за полициски гранични службеници.
Тоа не беше единствен преседан. Немаше одговор од надлежните судски инстанци дали некој дозволил снимање, откако снимка во која се прикажани дијалози од сведочење на рочиштето за овој случај во Кочани, беше објавена на бугарска телевизија.
Може ли да се лекува во С.Македонија?
Кога на 7-ми август Основениот суд во Кочани го одбил предлогот на Ива Михајлова за укинување на мерките за претпазливост, бугарското МНР истиот ден се огласи со соопштение, во кое „изрази сериозна загриженост од продлжувачката неможност повеќе од половина година, младата жена да добие навремено и адекватно лекување на дијагностицираната тешка невролошка состојба“.
Оттаму обрнаа внимание на мислењето на локалната надлежна здравствена установа, која јасно ја констатирала тешката дијагноза, невозможноста да се обезбеди пропишаното лекување во Северна Македонија и неопходноста тоа да се спроведе во друга земја.
Од друга страна, во образложението на одлуката на Судот, меѓудругото се наведува и дека „…не постои конзилијарно мислење од лекари на ЈЗУ Клинички центар Скопје, ниту од комисија во ФЗОМ дека такво лекување не може да се реализира во здравствните установи, како државни така и приватни, на територијата на РСМ“.
Реклама
Владеење на правото–услов за членство ЕУ
„Настојуваме Ива Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска грижа, со цел да се избегне реалната опасност од трајни поречености со неповратни последици врз нејзиното право на достоинствен живот”, беше наведено во реакцијата на бугарското МНР. Софија случајот го стави и во контекст на оценки од ЕК за состојбата во македонското судство.
„Потсетуваме дека сите земји потписнички на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи се должни да ги штитат човековите права на своите граѓани (… ) Во овој поглед, не се случајни постојаните негативни констатации на Европската комисија за состојбата на судскиот систем во Северна Македонија Нагласуваме дека владеењето на правото е меѓу водечките услови за секој напредок на земјата кандидат кон членство во Европската Унија“, беше наведено во соопштението од бугарското МНР.
Оттаму потенцираат дека грижата за животот и здравјето на нивните сонародници зад граница е постојан приоритет за бугарската држава и МНР ќе продолжи да ги користи сите меѓународни механизми за нивно гарантирање.
Приоритет – бугарските заедници во странство
Еден од приоритетите во програмата на владата на Румен Радев што беше објавена минатата недела, е „грижа за бугарските заедници во странство“. Во неа се предвидени повеќе извршни мерки на тој план. Во еден дел извршните мерки се однесуваат на „поддршка за организации на бугарски заедници во Југоисточна Европа, Украина и Молдавија“, со рок – декември 2029 година. Во приоритетите е и „поддршка и зачувување на културното и историското наследство на бугарската емиграција од географскиот регион Македонија во САД и Канада“, исто така со рок до декември 2029 година. Во програмата се најавени и нови програми и механизми.

„Имплементација на програма за поддршка на бугарските заедници, организации и медиуми во странство за периодот 2026-2028 година, насочена кон градење капацитети во борбата против дезинформациите, ширењето лажни вести и лажно и злонамерно медиумско влијание, преку обезбедување поддршка на бугарските организации и медиуми во странство“, се наведува во текстот, со рок за исполнување до март 2027 година. А до крајот на 2026 година, планиран е „развој на унифициран меѓуресорски механизам за координирано дејствување во кризни ситуации што ги засегаат бугарските граѓани во странство и бараат мерки за евакуација, со донесување на соодветен закон од страна на Советот на министри“.
„Не се мешаме во судските постапки“
Пред неколку дена и бугарскиот премиер Румен Радев одговарајќи на прашања го коментирал случајот со Михаилова. Како што пренесоа бугарските медиуми, тој им се заблагодарил на тамошните медиуми што го информираат општеството за тој судски процес.
„Бугарија не се меша во судските постапки на други земји, но ние сме непрекинато во контакт со Ива Михајлова, со семејството, со нејзината мајка“, изјавил Радев, додавајќи дека бугарската држава ја презела правната одбрана, а Министерството за надворешни работи активно работи на случајот.
„Целокупниот однос кон Ива Михаилова е спротивен со здравиот разум и со елементарните хумани принципи“, оценил бугарскиот премиер, со став дека ќе биде потребно време работите да се вратат во нормална насока.
Тој им се заблагодарил на бугарските европратеници кои ги информирале европските институции и јавноста за тој случај, како и на претседателката Илијана Јотова за нејзиниот јасен и категоричен став.






