Клековски: Неразбирливо е зошто речиси 18 месеци нема договор за одржување на „Мој термин“
Министерот денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека веќе побарал од службите да подготват јавен повик за две години, бидејќи според него едногодишните договори не го обезбедуваат континуитетот што е неопходен за да се направат промените

Неразбирливо е зошто речиси 18 месеци нема договор за одржување на електронскиот систем за закажување термини „Мој термин“, вели министерот за здравство Сашо Клековски. Коментарот на Клековски доаѓа откако денеска од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за извршена ревизија рекоа дека во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април 2026 година, системот „Мој термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, односно 37,9 отсто од времето, поради тоа што договорите се склучувале на годишно ниво.
Клековски денеска, одговарајќи на новинарско прашањ,е рече дека веќе побарал од службите да подготват јавен повик за две години, бидејќи според него едногодишните договори не го обезбедуваат континуитетот што е неопходен за да се направат промените.
Тој рече дека е запознаен со извештајот, но додаде дека е неблагодарно да коментира пропусти на претходни министри во одреден подолг временски период.
„Запознаен сум со извештајот на Државниот завод за ревизија. Не можам да кажам дека во извештајот има грешка или неточност. Тој е даден, сме го потврдиле, состојбата е таква. Зошто е таква може други луѓе да прашате“, рече Клековски.
Додаде дека кога го добиле нацртот, побарал да се направи акциски план.
„Промовиравме нацрт-стратегија за дигитализација во здравството и планираме масивни интервенции во делот на дигитализацијата и натамошно зголемување на продуктивноста на здравствениот систем и зголемување на задоволството на пациентите без доказ во тоа подрачје не може да има. ’Мој термин’ е централен дел на тоа прашање“, додаде Клековски.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска објави извештај за ревизија на успешноста на националниот здравствен информатички систем „Мој термин“, кој открива сериозни системски, управувачки и безбедносни слабости.
За одржување на овој и поврзаните системи во јавните здравствени установи се потрошени 333,3 милиони денари односно 5,42 милиони евра, при што само 9 отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91 процент на други системи во јавното здравство.
Во извештајот од ДЗР е наведено дека поимот „Мој термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот.
Управата за електронско здравство има пополнетост од 29 отсто од предвидените работни места, а дел од кадровските дупки се пополнуваат преку едногодишни договори по дело.
Проверките на ревизорите утврдиле и дека има изоставување податоци од болниците.






