СДСМ: Муцунски за Ива Михаилова вели „Непристојно е земја членка на ЕУ да стане прибежиште за бегалци од правдата” – а за Груевски?
СДСМ преку соопштение го повика министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да ги примени истите принципи во односите со Унгарија како и во случајот со Бугарија, откако тој оцени дека е „непристојно земја членка на ЕУ да стане прибежиште за бегалци од правдата“.

Од партијата прашуваат дали Муцунски може да испрати и до Будимпешта порака со која ќе побара враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во Унгарија. СДСМ прашува и зошто до новата унгарска влада сè уште не биле доставени сите потребни документи за екстрадиција.
Во партиското соопштение се обвинуваат актуелната власт и министерот Муцунски за двојни стандарди, со оценка дека има остра реакција кон Софија, но не и кон Будимпешта. Од СДСМ упатуваат и критики кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поврзувајќи го со случаи за кои тврдат дека немало соодветна реакција.
„За Ива Михаилова – непристојно, а за Груевски – тишина“, наведуваат од СДСМ, барајќи исти стандарди и постапување во двата случаја.
Од партијата порачуваат дека ја поддржуваат екстрадицијата и на Ива Михаилова и на Никола Груевски, нагласувајќи дека законот треба да важи подеднакво за сите.






