Капетан на брод и член на екипажот осудени на затворски казни поради оштетување на кабли во Балтичко Море

Финскиот суд денеска ги осуди на затворски казни капетанот и еден член на екипажот на товарниот брод „Фитбург“ поради тежок облик на саботажа односно оштетување на два подморски телекомуникациски кабли во Финскиот Залив минатата година.
Финска на 31 декември 2025 година го заплени бродот во Финскиот Залив додека се движел од Русија кон Израел, под сомнение дека ги оштетил каблите што ги поврзуваат Хелсинки и Естонија.
Окружниот суд во Хелсинки го осуди рускиот капетанот на три години и шест месеци затвор, а членот на екипажот од Азербејџан на две години и десет месеци.
Во соопштението на судот се наведува дека бродот го влечел синџирот на сидрото и сидрото по морското дно во должина од околу 130 километри и дека тоа го сториле намерно.
Финска ги засили напорите за заштита на својата подморска инфраструктура по серијата инциденти насочени кон каблите и цевководите во Балтичкото Море од 2022 година.
Капетанот ќе поднесе жалба на пресудата, додека членот на екипажот сè уште не одлучил дали да го стори тоа, изјавија нивните адвокати.
Според пресудата, судот им наложил и на двајцата обвинети да поделат штета од околу 1,9 милиони евра, а на капетанот му било наредено да плати дополнителни околу 85.000 евра. Обвинетите, кои остануваат во Финска под забрана за патување, ги негираа обвиненијата за сторено кривично дело и ја оспоруваат надлежноста на Финска во случајот.






