Нови шокантни детали за хоророт во Богданци: Како Виктор успеал да ја намами 17-годишната Билјана во ужасна смрт?

Дваесет и едногодишниот Виктор Гунтеров, кој ја уби 17-годишната Билјана, имал активни шестмесечни мерки за забрана за приближување.
По пријавата од нејзиниот татко на 30 септември во полицијата, Центарот за социјални работи во Гевгелија до основниот суд поднел предлог за усвојување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Одуката е донесена на 16 октомври, а на 19 октомври била доставена и на насилникот.
Мерките предвидувале забрана да ја малтретира, вознемирува, да ѝ се јавува или на друг начин индиректно да ја контактира 17-годишната Билјана. Забрана за закана со семејно насилство, но и за приближување на растојание поблиску од 100 метри од нејзиното живеалиште или до Средното училиште „Богданци“, каде што Билјана била ученичка. Од основното јавно обвинителство велат дека во периодот од изрекување на мерките, немало пријави дека Гунтеров ги прекршил.
Засега не е јасно како при активни мерки Гунтеров ја намамил Билјана да појде со него и што се случувало кобната вечер на 3 ноември. Запалениот автомобил во кој е пронајдено телото на 17-годишната девојка го пријавил жител на Богданци. До него е пронајдено и телото на Гунтеров, кој се претпоставува дека откако ја запалил девојката, си пресудил со бесење.
Во меѓувреме се чекаат и резултатите од обдукцијата кои треба да дадат повеќе одговори околу околностите во кои е убиена Билјана и самоубиството на Виктор.





