Мицкоски: За оваа хистерија со Алта Банка се лежи 3 години затвор – време е Обвинителството да се позанимава со СДСМ


Премиерот Христијан Мицкоски бара Јавното обвинителство да ја истражи опозициската СДСМ за кривичното дело саботажа, поради нејзините настапи и обвинувања поврзани со состојбата во Алта банка.

Мицкоски ја обвини опозицијата дека свесно шири невистини, создава паника кај граѓаните и ја нарушува довербата во државните институции, оценувајќи дека со таквото однесување го загрозува уставниот и државниот поредок.

„Редно е Јавното обвинителство да се позанимава, согласно Кривичниот законик, со ова кривично дело саботажа што го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, немир и креирајќи лаги. На тој начин ги доведува граѓаните во чувство на несигурност и исплашеност“, изјави Мицкоски.

Премиерот потсети дека за кривичното дело саботажа е предвидена затворска казна од најмалку три години, посочувајќи дека оваа одредба е дел и од Кривичниот законик изменет во 2023 година, за време на владеењето на СДСМ.

Барањето до Обвинителството доаѓа во период кога власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за одговорноста за случувањата во Алта банка, која од 1 ноември е под привремена администрација на Народната банка.

Back to top button
Close