15 девојчиња помлади од 15 години станале мајки минатата година во Македонија
И покрај релативно малиот број во споредба со вкупниот број раѓања, малолетничкото мајчинство останува загрижувачка појава во Македонија. Статистиката покажува дека и минатата година имало девојчиња кои станале мајки пред да наполнат 15 години.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година биле регистрирани 15 живородени деца од мајки помлади од 15 години. Во 2024 година имало 12 вакви случаи, а дополнително биле евидентирани 588 деца родени од мајки на возраст од 15 до 19 години. Во 2023 година, пак, биле регистрирани 14 раѓања од девојчиња помлади од 15 години.
Темата повторно се најде во фокусот на јавноста по случајот во бугарскиот град Монтана, каде што неодамна се породило 12-годишно девојче. Според бугарските медиуми, девојчето три години живеело со 16-годишно момче, кое е татко на бебето.
Статистиката покажува дека проблемот е присутен и во Бугарија, каде што минатата година биле регистрирани 208 мајки помлади од 15 години, а околу 2.400 бебиња биле родени од девојчиња на возраст од 15 до 17 години.
Зад овие бројки се отвораат сериозни прашања за заштитата на децата, нивното здравје, образованието, институционалната поддршка и спречувањето на раните бремености.






