Од вторник построги услови за купување втор стан: помал кредит и пократка отплата

Од вторник стапуваат во сила нови правила за станбените кредити, со кои се воведуваат построги услови за граѓаните што веќе поседуваат стан и сакаат да купат дополнителен недвижен имот. За прв стан остануваат досегашните поповолни услови.

Оние што купуваат втор или трет стан ќе можат да добијат помал кредит и ќе мора да го отплатат за најмногу 25 години, наместо досегашните 30. Се намалува и делот од месечната плата што може да се издвојува за кредитни рати. За граѓанин со плата од 60.000 денари, тоа значи 3.000 денари помалку расположливи средства за отплата.

За купување прв стан, условите остануваат непроменети: за недвижност од 100.000 евра потребно е учество од најмалку 10.000 евра, а кредитот може да се отплаќа во период од 30 години. Со измените, Народната банка настојува да го ограничи прекумерното задолжување на граѓаните.

Паралелно, Владата подготвува законски решенија со кои младите брачни парови ќе можат да купат стан по цена 20 проценти пониска од просечната пазарна. Условот е најмалку еден од сопружниците да има до 35 години, а цената на квадратниот метар ќе зависи од општината во која се купува станот.

Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска, инвеститорите ќе треба да издвојат 10 проценти од станбената површина за купувачите што ги исполнуваат законските услови. Предвидено е и ослободување од комуналии за младите брачни парови, мерка што би се проширила на целата држава.

Од СДСМ велат дека ќе ги разгледаат законските решенија пред да одлучат дали ќе ги поддржат. Пратеничката Сања Лукаревска оценува дека помошта за младите е добредојдена, но прашува како ќе се спречи постојаниот раст на цените на становите.

Иако во земјава се градат околу 30.000 станови, нивната продажба забавува, додека расте интересот за изнајмување. Сепак, цените не бележат пад, а становите во Скопје за една година поскапеле за повеќе од 10 проценти.

Back to top button
Close