За борците како Сања Арсовска

Треба сериозно да се ставиме прст на чело, кога премиерот Мицкоски вели дека патот на Црна Гора и Албанија кон ЕУ е во автобус кој се клати, затоа што ние сме тие што се први во реформите, а не овие две земји.

Еврокомесарката Марта Кос изнесе сосема различни оценки на прес-конференција вчера, велејќи:

“Црна Гора има спроведено 94 проценти од предвидените реформи. Тоа е импресивен процент, па во следната рунда на исплати ќе добие 81 милион евра. Албанија има спроведено 80 отсто од предвидените реформи и ќе добие 185,6 милиони евра. Ова е четврта исплата. Северна Македонија има спроведено 56 проценти од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра“.

Оваа сурова оценка на ЕУ за реформите на власта на Македонија произлегува  од фактот што нашите реформи се далеку поразлични и порадикални од досега видените.

За какви реформи станува збор кога при фемицид и крвничко претепување на жени, никој не одговара од полициските службеници, социјалните работници, обвинителите и судиите? Дали за трагедијата во Кочани ќе одговараат полициски службеници, функционери, раководители, и сите останати длабоко корумпирани низ институциите?

Внесувањето на Бугарите во Уставот е најдоброто алиби за високо корумпирани, криминални структури, затоа што единствената тема за која со години се говори е чување на македонскиот идентитет, јазик, нација, култура. Тоа се нарекува патриотизам, а не чување на земјата и граѓаните да не умираат во најстрашни маки во Кочани, да не бидат убивани, претепувани, закопувани на јавна сцена од луѓето кои ги штитат убијците, насилниците, ѕверовите, а притоа да се тажи дека оваа земја е трета по фемицид, додека власта слави дека е трета по економски раст, прва во реформите, најдобра во молчењето, наведнувањето глава, туркање на животецот, мал, безначаен, кутар тој, стопанот и стопанката го пречкртале пред воопшто да му се даде шанса да се исправи и да посака да се избори.

Затоа е важно што имаме борци, каква што е актерката Сања Арсовска, која со години се бори за правата на уметниците, сите културни работници, до еден. А мнозинството од тие луѓе за кои Арсовска гине, во меѓувреме доброволно се спружило и се предало, за ситниш кој дури не тропка во џебот, па дури и да е крупен, за пари се работи во тоа предавство, за пари и за мир, се убедуваат самите себе дека мирот е она што го добиле, а за правата, слободата и државата, за која се колнат, нека се исправи Сања Арсовска, нека повели, среќен нека ѝ е патот.

Нека ѝ биден уништен животот, нејзиниот, на семејството, само затоа што се бори за сите, за секој од нив, а тие сите ги нема, исчезнале, се скриле, предат задоволно што срамот го изгубиле одамна, пред воопшто и да започнало тоа прашање, како не се срамат, како можат понатаму?

Back to top button
Close