Џафери до Украинците: Денес сум Украинец, занемен и бесен што светот нема доволно силен глас да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија

Фактот што сум во Украина, им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом кој што е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки, рече во обраќањето на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на денешната посета на Украина

И покрај тоа што сум војник, и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот, занемен сум и бесен. Бесен на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Растревожен сум од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, а видов само дел во Буча и Ирипин. Бесен што светот нема доволно силен глас да и каже стоп на оваа безумна инвазија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на денешната посета на Украина.

Тој во обраќањето прво изрази искрено и најдлабоко сочувство до децата, родителите, жените и мажите кои ги изгубија најмилите, по што рече:

„Денес сум Украинец. Се извинувам за прекршувањето на протоколарната рамка почитуван претседателе на Украина, г. Зеленски и почитуван колега Стефанчук, но, занемен сум и за она што сакам да го кажам, доволна ми е една минута“,рече Џафери, потсетувајќи се на она што денеска го видел во Буча и Ирпин.

Тој изрази почит до присутните за отстапеното време за говор и изрази лична заложба за помош и поддршка на Украина.

„Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното. Лично ќе се заложам за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина. Фактот што сум во Украина, им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом кој што е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки“,рече Џафери.

Тој ја посочи Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина усвоена на 3 март во нашето Собрание, како и ко – спонзорирањето на резолуции и иницијативи кои бараат Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска, што, како што рече „ја потврдуваат нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност со украинскиот народ“.

„Република Северна Македонија ја поддржа и Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа. Дополнително, се приклучивме кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не сме членка на ЕУ“,додаде тој.

Според Џафери, овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа.

„Иако имам тешкотија да ве погледнам во очи, ќе ви посакам да сте силни и истрајни до слобода на Украина и украинскиот народ“,рече на крајот Џафери и изрази благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови им овозможија безбедно да допатуваат во Украина.

Џафери денеска со воз од Полска пристигна во посета на Украина, за едно со неговите колеги од Романија и Швајцарија. Претодно денеска беа во посета на Буча и Ирпин.

Оваа посета на Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета на висок функционер од Северна Македонија на Украина

Back to top button
Close