Анџела Агелер како Џон Ленон

Амбасадорката стана славна за еден месец како рок икона, чии фанови станаа политичари, министри, експерти. За обичните луѓе нејзините зборови изгледаат како последен обид на некој однадвор да нѐ спаси од самите себеси.

Пишува Љупчо Поповски

 

Паралелата за многумина може да изгледа неумесна, незграпна, а за некого дури и невозможна. Но, да видиме каде може да се најде нишката.

Во март 1966 Џон Ленон од „Битлси“ по планетарното лудило што го предизвика четворката од Ливерпул, која ја трансформираше популарната музика во 1960-тите, даде едно интервју за лондонски „Ивнинг стандард“ во кое неколку реченици предизвикаа хаос, па речиси и бунт во САД. Во подолгиот текст за неговиот живот, инспирациите, книгите, религијата, Ленон речиси бенигно вели: „Христијанството ќе замине. Ќе исчезне и ќе се намали. Немам потреба да се расправам за тоа; знам дека сум во право и ќе се докаже дека сум во право. Сега ние сме многу попопуларни од Исус. Не знам што ќе замине прво – рокенролот или христијанството. Исус беше во ред, но неговите ученици беа далеку од него и обични“.

Џон Ленон, најинтелектуалниот член од целата група веројатно ги имал на ум настаните кои планетата ја зафатија како глобален земјотрес откако три години претходно го издадоа првиот хит „Плиз, плиз ме“. Сензационалната турнеја низ Америка во 1964 година беше потврда за нивниот статус неколкукратно пославен од најславните луѓе што беа тогаш. Нивните настапи во живо беа на работ на немири, а тинејџерките врескаа и паѓаа во несвест. Можеби навистина тогаш беа попопуларни од Исус.

Оваа негова споредба помина речиси незабележано кога излезе приказната во весникот, а веројатно ни Ленон подоцна едвај да се сеќавал на тие зборови. Но кога интервјуто беше пренесено во јули таа година од еден американски магазин за тинејџери предизвика меѓународен бес, кој се закануваше на иднината на „Битлси“, па дури и за нивните живот. Во христијанската заедница во САД, особено низ регионот познат како Библиски појас, започнаа протести, се искажуваа закани, се палеа плочите на „Битлси“, радиостаниците престанаа да ги пуштаат нивните песни, припадниците на Кју-клукс-клан протестираа на нивните концерти за време на американската турнеја.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумната Фотографија: Petar Stojanovski

„Ако речев: ‘Телевизијата е попопуларна од Исус’, можеби ќе се извлечев“, ламентираше Ленон пред камерите во секоја од трите големи американски ТВ-мрежи. Тоа беше нивната последна турнеја, после тоа се концентрираа на албумите во студиото.

Анџела Агелер откако пред еден месец ги предаде акредитивите како нов американски амбасадор во Скопје се стекна со таква инстантна слава во оваа држава што не може да се направи некаква блиска споредба со некои претходни случаи. Од првата изјава за изборот на новиот шеф на обвинителите кои треба да ја гонат корупцијата и организираниот криминал дека „во Амбасадата на САД резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем“, па до последната објава дека „тим за санкции од Вашингтон е во земјава за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори“, Агелер, барем за Македонија, сега е она што беа „Битлси“ за светот во средината на 1960-те.

Нестрпливи фанови

Нема тука паѓања во несвест и хистерија, но е вчудоневидувачки како многу политички актери весело ги спружуваат дланките да добијат удар со лењир како во училиштата во 1950-те години за палавост и нарушување на редот на часот. Министри, лидери на партии, аналитичари, судски експерти и кој сѐ не се редат со „плочата“ на Агелер под мишка за да добијат автограм како нејзини најголеми фанови.

Една група фанови е најпредадена во искажувањето јавна поддршка, па јавно понуди и помош за тимот од САД што веќе е овде.

Оние што се збираат во дружината со кодно име ДУИ. Кога во Европската унија зелената енергија и еколошката трансформација на општествата станаа доминантна политика, ДУИ побрза да се престрои на тој колосек објавувајќи се себеси како зелена партија.

Камелеоните сега треба да ја сменат бојата, па веднаш соопштија, најмногу преку Бујар Османи, дека тие се подготвени да застанат рамо до рамо со Американците, да предложат закон за ветинг на функционерите, па дури и партијата да го води тој процес.

Седиштето на ДУИ во Мала Речица
Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Едно мало појаснување: Камелеоните се рептили познати по нивната способност драматично да ги менуваат боите. Но, спротивно на популарното верување, камелеонот обично не ги менува боите за да сообрази со неговата околина. Наместо тоа, менувањето на бојата обично се користи за пренесување емоции, одбрана на територии и комуникација со партнерите.

Нешто од оваа промена на боите со пренесување емоции, одбрана на територии и комуникација со партнерите, се случи веднаш по објавувањето на резултатите на изборот на Ислам Абази за шеф на најважното обвинителство.

Не поминаа ни час-два, а Агим Нухиу, функционер на ДУИ и заменик-министер за правда го поздрави изборот на Абази со зборовите: „Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, во гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот од криминал“.

Тој беше единствениот од сите можни функционери кој испрати јавна честитка за загадочниот избор на Абази. Но неколку дена потоа стигна изјавата на Агелер дека резултатите од изборот се „збунувачки“.

Па беше потребно брзо престројување и да се соопшти платформата дека ДУИ е подготвена да го води процесот на ветинг. Веројатно се сметаа за најповикани затоа што партијата, според судските и истражните факти, е најчиста – ниеден нивни функционер не се гони за корупција, ни сега ни во минатото.

Тие би можеле дури и да организираат работилници за европските политичари за тоа дека е можно и невозможното – една партија и нејзините функционери да бидат речиси идеално чисти.

Нема дилеми – на општеството заглавено во безнадежност и апатија му требаа овие изјави и најави на Анџела Агелер како претставник на Соединетите Американски Држави. Тоа е уморно, истрошено, обесхрабрено.

Тоа ги има загубено илузиите во политичарите кои се неуморни да продаваат едни други илузии – дека тие можат да спроведат план за праведност. Но во природата на луѓето е најмногу да проникнуваат во другите и нивните постапки, а ако е ептен неопходно, и во самите себеси.

Тие бараат жртви во вискоите и средните ешалони, некој вид мека јакобинска револуција, а речиси нема да се обѕрнат на зборовите на Агелер во интервјуто за Сител: „Како што патувам низ земјава и зборувам со обични луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога работат, секогаш кога нивното дете треба да се запише во некое училиште.

Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакаат да останат“.

Оваа филозофија е влезена во кодот на обичниот човек, не само во независните години, туку уште од последните две децении на социјализмот. Тогаш, дали езгалтацијата од тврдите зборови на Агелер и објавата за тимот од Вашингтон е пренагласена? Секако дека не е. Тоа изгледа како последен обид на некој однадвор да нѐ спаси нас од самите себеси.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер и македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер и македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Американците – единствените на кои им се верува

Овој еден месец на Анџела Агелер од своја страна покажа кон кого, всушност, имаат најголема доверба македонските граѓани. Без никакво сомнение  – кон Американците. Нејзините зборови „директно во чело“ ги поплавија дипломатските флоскули и внимателниот вординг на европските претставници, дали биле од ЕУ или од нејзините земји-членки. Македонските граѓани се убедени дека уште еднаш добија потврда оти најискрените партнери и вистинските пријатели и сојузници се во Вашингтон.

Ни два самити на ЕУ со регионот не можат да покријат две изјави на американски амбасадор ако се директни, јасно разбирливи и вистински насочени. Затоа овдешните европски амбасадори потоа на овој или на оној начин ги повторуваа зборовите на Агелер.

Тоа на почетокот можеби изгледаше случајно но после се покажува дека на некој начин тука има некаква координација. Иако, во крајна линија, не е ни важно.

Оние што мислат дека се можни чуда со вклучувањето на американскиот тим за санкции веројатно треба да имаат донекаде воздржани очекувања. Локалните политичари, судски функционери и други лоби групи ќе ги бараат сите можни начини да избегаат од американскиот радар. Па дури и да му пркосат. Видете што се случи во Бугарија кога со познатиот Магнитски акт дузина бизнисмени и политичари беа оцрнети преку институциите во Вашингтон.

Но бугарската правосудна мрежа отфрли некои од американските наводи, а некои од најозлогласените повторно станаа пратеници. Вашингтон не е семоќен, главниот лост е во општеството, неговите институции, раководители и граѓаните гледаат дека ѕидот е навистина тука, дека не може да се оди понатаму и дека треба да се сврти нова страница.

За почеток може да прочитаат што рече Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден на големата конференција што овие денови се одржува во Вашингтон на тема корупција. На овој петдневен собир наречен Меѓународна антикорупциска конференција и се одржува на секои две години се собрани стотици активисти, функционери и експерти.

Што кажа, меѓу другото, Саливен пренесувајќи ја пораката на Бајден:

„Корупцијата се крие во законите и дупките, ја прават и лидерите и локалните жители. Се одвива во салите за состаноци и во судските простории, и премногу често ги користи законските институции за незаконска добивка. Се потпира на тивки соучесници, опортунистички овозможувачи. И, за жал, како што многумина од вас знаат толку добро од вашето искуство, таа може лесно д а ги премине нашите граници – прикривајќи се и во криминални мрежи и во правни компании.

На бробата против корупцијата и требаат шампиони смета претседателот на САД, Џо Бајден
На бробата против корупцијата и требаат шампиони смета претседателот на САД, Џо Бајден Фотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Претседателот Бајден во минатото ја нарече корупцијата ‘рак во телото на општествата’. Набргу по преземањето на функцијата, претседателот Бајден издаде директива за претседателска политика која ја утврди борбата против корупцијата како основен национален безбедносен интерес и демократска одговорност.

Имаа два главни начини на кои го трансформираме овој план во прогрес.

Овие два главни начини би можел да ги опишам со фенси зборови или технички жаргон. Но, тоа навистина се сведува на: помагање на добрите момци и гонење на лошите момци.

Прво – помагање на добрите момци. Помагање на добрите луѓе што ги гонат лошите луѓе. Тоа започнува со издигнување на лидери кои самите се справуваат со корупцијата.

Под лидери не мислам само на политичките лидери. Мислам на лидери во вистинска смисла. Луѓе кои водат по ова прашање – и многу од нив се тука во оваа соба или гледаат виртуелно. Новинарите, кои ги ризикуваат своите кариери – дури во некои случаи и животот – за да ја откријат владината корупција. Активисти – многумина во оваа просторија денес – даваат сѐ од себе за да се заложат за транспарентност.

И да, исто така извонредни политички лидери кои ставаат сè на линија за да ги ослободат нивните земји од корупција – од мито, до откуп, до проневера.

Минатата година претседателот Бајден го отвори првиот Самит за демократија со зборовите: ‘Во целиот свет, на демократијата ѝ требаат шампиони’. На борбата против корупцијата, како дел од таа борба за демократија, ѝ требаат шампиони. Мора да бидеме посветени во оваа борба на долги патеки”.

Сака ли некој кај нас да биде шампион во борбата против корупцијата? Не вербално, туку вистински. Одговорот изгледа лесен, но во основа е ѓаволски тежок.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close