Антиадреналин

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 Хормонски наслови на колумни не се вообичаени. Се надевам дека еден од најпознатите француски писатели на денешницата  М. Уелбек  како и српскот Црвен Бан, алијас С. Басара, нема да ми замерат  што насловот на оваа моја колумна е хормонски, како и  насловите на двете  книги на навединте писатели (врсници), објавени во последниве две години. Првата е  “Серотонин”, а втората “Контраедорфин”. Па ајде докторе, почни со хормонот на стресот, покрај Уелбековиот хормон на намалена желба за сексуални активности и Басаровиот хормон за создавање на добро расположение. За мене како медицински лаик, овие два хормонски пореметувања се неконтабилни, што и практиката го потврди.

Речиси триест години нашите главари, полтрони, измеќари од сите видови, меѓу кои и медијумските хиени, се наоѓаат во перманентни стрес состојби. Стресните состојби главно сами ги создававме и во стресни околности донесувавме стресни одлуки кои го зголемуваат адреналинот  поради што се потребни антистресни терапији, кои никако да започнат, што и нашиот напатен народец го доведува во  стресна ситуација. Нашите главари и нивните послушници  не се ни обидуваат да го контролират овој опасен хормон, тој за нив е природна состојба на духот, инспирација за нови достигнувања, мотив за јакнење на моќта ( Ф.Ниче) и лекување на комплекси, додека на плебсот му останува да се труе со ефтини антидепресиви чија алтернатива е во најновиот изум на адреналинската  влада за легализација на канабисот, не само поради хумани цели.

Нашата демократија заглави во лавиринтите на новосоздадената ситуација на  либерална економија и погрешната интерпретација на народната поговорка дека и ние не сме тиква без корени, погрешните толкувања дека дипломатијата не е привилигија, синекура, вдомување, наплатување на партиските заслуги, партиски кванташки пазарења, начин за елиминација од домицилната политичка сцена, туку многу серизна професија. Поради тоа предлагам најновата книга на кариерниот српски дипломата Ѓ.Лукиќ  “Диплoматија за дудуци”  да се подели во МНР, а и во кабинетите на премиерот и претседателот на државата.

Најзначајните политички одлуки нашите главари ги донесуваа во стресна состојба во ситуации на покачен адреналин. Така беше со Референдумот за осамостојување на РМ, упишување во книгата на новородените држави со осакатено ни име, доцнењето со вклучувањето во европските интеграции (ЦЕФТА), декларативната желба за прием во НАТО и ЕУ, погрешната шаховска партија околу разликите со нашето уставно име, при што Грците цело време играа со бели фигури и на   крајот, разбира се, победија и тоа на наш терен во Нивици, поради цајтнотот во кој бевме доведени  поради  зголемениот  адреналин, побрзо да   го зграпчиме НАТО и ЕУ и со тоа сегашната  владаечка структура да покаже дека за разлика од претходната решава проблеми. Но, се појавија нови проблеми, кои пак ги решаваме со стресни потези.  Стресна ситуација беше и во 2001, па потоа и потпишување на  Договорот, наречен Охридски, после што првоборците, односно командантите на загрозената популација, добија оличја и споменици што финишираше со избор  на прв вице премиер за односи со заедниците и политички систем. Сето тоа се одвиваше  во стресни ситуации. Единствен антистресни иљач беше направен во лабараторијата во Мала речица кој, до ден денес, беспрекорно функционира. Како, на сите ви е познато.
Стресна ситуацијата беше и со Референдумот за Преспа, односно за прием во НАТО и ЕУ. Адреналинот беше максимално зголемен пред четири години на 27 април. Крв се пролеа и во Собранието.

Приемот во НАТО не беше стресен. Тоа е резултат на  геостратегијата на САД и нашата политичка, а посебно воена  немоќ. И макар што глобално критеријумите за НАТО и ЕУ во најголема мера се исти, со  ЕУ не ги започнавме преговорите, макар што прифативме ново име. Што тоа значи, размислите сами. Не е  тешко да погодите. Меѓутоа стресна ситуација  со НАТО е што после една година поради безбедоносни цертификати, не можеме да испратиме наш претставник во  Брисел. Тоа не е удар само врз НАТО стандардите, туку и на целиот безбедоносен систем во СРМ (воен и цивилен), вклучувајки го и  претседателот на државата поради ингеренциите во та област.

Стресни беа нашите односи со соседите за кои безразложно и  сега тврдиме дека се добри. На ткн. Западен Балкан, наместо самопрогласени лидери, сега сме фенерџии, односно последни во регионот. Никако да ги идентификуваме вистинските намери  на соседите. Во та конфузија допринесоа и нашите некадарни амбасадори во тие држави.

Стресна ситуација е што не знаеме да правиме разлика меѓу геостратегија и билатералното позиционирање, дури и во ситуација кога панично се бара набавување на вакцини за Ковид 19. Ако е наша цел НАТО и ЕУ, тоа не значи да треба да имаме уплав и да се распитуваме во Вашингтон и Брисел дали можеме да купиме вакцини од Русија или Кина. Србија големодушно ни понуди амерички вакцини, пред се поради многубројното македонско  бирачко тело во Србија, а локалните избори  и кај нив се на прагот.

 

Стресна е ситуација во опозицијата. Со некои чекори се замаглува нивната позиција во негативна смисла. Тоа покажа и третата интерпелација на вице премиерот за европски прашања, парадерот Н.Димитров, кој со нетрпение ги чека новите претседателски избори. На интерпелации  веќе има имунитет. Во дискусиите изостанаа главните аргументи за пропустите на поранешниот МНР, чија што активност на новата функција речиси, половина година е незабележлива.

Стресна ситуација до ниво на паника е во позицијата, посебно во најголемата владеачка партија. Позицијата на ДУИ  се подобрува, пропорционално грешките што ги правиме на меѓународен план. На премиерот адреналинот перманентно се зголемува поради желбата да се качи во возот за Брисел, кој е заглавен во Табановци. Селфито во авиончето само го дигна адреналинот.  Смета ако возот тргне, Нобеловата награда, овој пат, нема да му избега. Во меѓувреме од некоја западна фондација на социјалдемократите може да си закачи уште некое оличје.

Стресна е ситуацијата и со односите со Бугарија. Дипломатското незнаење и неспособноста ја дефинираме како наш голем успех. Бугарите го прифатија нашиот вокабулар за терминот пријателство, под условите кои тие  ги наметнаа. Нашиот олеснувач почна со акциониот план, прво со пенетрација на бугрската тв кај нас, а министерот за транспорт броји тунели и  вијадукти за новата пруга кон Софија, не наведувајќи што ќе се  превезува.

Во МНР се чини дека со докторот Б. Османи катастрофалната состојба на персоналната политика  од ерата на Н. Димитров се стабилизира. Проблемот е дали Др Османи ќе има сили да оперира пациенти и истовремено да влече хируршки дипломатски чекори за кои секогаш сам не одлучува. МНР  сеуште не е институција на која може да смета како темел на надворешната политика. Има многу фактори кои одлучуваат, вклучувајќи и на ниво на претседатели на помали општини. Последен пример е случајот со несуденииот амбасдадор на СРМ во Белград. Задоцнета реакција, направена штета. Такви ситуации треба да се избегнуваат. Македонските амбасадори лесно добиват агремани, за разлика од воените шефови на мисиите при НАТО, од проста причина, што тие (нашите амбасадори) не се таргет на безбедоносните структури, бидејќи нашите кавалчиња  немаат не само валидни инструкции, туку немаат  ниту и сопствено мислење, кое може да го заинтегрира соговорникот. Нив ги третират како странски туристи со повеќегодишен  престој во државата на приемот, ама со дипломатски имунитет.

Повеќе пати укажував за важноста на амбасадори по најголемите дипломатски центри, посебно во оние кои со години  немаме амбасадори. Не ги користиме услугите на поранешните амбасадори на влијателните држави, кои сега се на истурени дипломатски позиции. Нпр. сегашниот државен секретар на САД  Ентони Блинкен, е  близок пријател со Ф. Рикер, кој има висока функција во Стејт Департментот (шеф за Европа и Евроазија). Француски е  ученик , а неговиот очув, познат париски адвокат беше  пријател со лани починатиот  француски поранешен  претседател Жискар Д,естен. Нашиот нов амбасадор во Вашингтон, секако ја проучува биографијата на унгарскиот Евреин, чиј татко бил амбасадор на САД во Будимпешта.

Конечно стресна е ситуацијата и со предвидениот попис кој и пред да отпочне се политизира, а уште не се откриени мотивите и штетата направена со пропаднатиот од пред неколку години. Живееме во стресни состојби. Антиадреналинот е потребен пред се на владетели, поради желбата за останување на власт по секоја цена или пак беспотребното брзање на опозицијата за доаѓање на власт што  создава стресна ситуација и на граѓаните на СРМ, кои наместо стрес, сонуваат за благосостојба, а во меѓувреме ја напуштаат државата. Македонските политичари треба да ја спуштат топката.Треба да се привикнат да функционираат во нормални услови. Лекот за тоа постои. А тоа се изборите, покрај лековите кои по утврдените индикации ги препишуваат  лекарите, а  клиентите  редовно не ги  конзумираат.

05.02.21

 

Back to top button
Close