Апостолова и Хелд разочарани од косовското Собрание поради нератификување на договори со ЕУ

 Шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Наталија Апостолова изрази разочарување поради вчерашното неизгласување на некои од меѓународните договори во Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Апостолова напиша на Твитер дека неуспехот да се ратификуваат договорите во рамките на програмите на ЕУ за фискализација и царини му оневозможува на Косово истите да ги модернизира.

– Разочарана од неуспехот на Собранието да ратификува некои од меѓународните договори, вклучително учеството на Косово во програмите на ЕУ за фискализација и за царини во 2020 година, со што се оневозможуваат таксите и царините на Косово да ја модернизираат својата работа и да ја споделат истата со колегите во ЕУ и пошироко, порача Апостолова.

Споделувајќи го коментарот на шефицата на Канцеларијата на ЕУ, германскиот амбасадор во Приштина, Кристијан Хелд упати уште поостри критики на сметка на косовското Собрание.

– Зборот разочарување е многу дипломатски! Ќе го видиме ли овој парламент да работи нешто наскоро? Ова се пакети со помош за неговата држава и неговите луѓе, напиша Хелд.

Вчера Собранието не успеа да усвои неколку финансиски договори кои Владата на Косово ги има потпишано со меѓународните механизми. Вчерашната собраниска седница се затвори без воопшто да се гласа за договорите, поради неможноста да се постигне консензус.

Back to top button
Close