Асиметрична историја“?


Поранешниот македонски претседател Црвенковски рече дека, за разлика од договорот со Бугарија, Преспанскиот договор е избор на помалото зло. Но, такви се сите избори во меѓународната политика. Значи, ако е тоа правилото тогаш и договорот со Бугарија е избор на помалото зло. Зошто тоа не е толку јасно? Можеби затоа што не е потпишан четврт век подоцна. Поинаку кажано, затоа што грчкото зло траеше дваесет и пет години а бугарското само две ипол години. Ако се случи ново децениско доцнење,со неизбежното уназадување на квалитетот на нашата живеачка, ќе разбереме повторно дека и овој договор бил помалото зло. Дури мислам дека некои идни генерации политичари ќе им оддадат признание на потписниците на договорот со Бугарија како на визионери. Признание кое поаѓа од фактот дека, за разлика од грчкиот случај, помалото зло било на време воочено, а не после четврт век.
Во меѓувреме, ќе минеме низ ново искуство кое ќе покаже дека во овие модерни демократски времиња кога до историските факти се стига со еден клик на комјутерот, не е можно да постојат „асиметрични истории“ во кои секоја страна си пишува што сака за себе и за другиот, а светот тоа автоматски да го прифаќа. Да речеме, состојба во која бугарската страна тврди дека не постои македонска нација и македонски јазик а нашата дека не постои „заедничка историја“. Имено, таквата состојба би била навреда за интелигенцијата на европската и светската научна елита и би била можна само кога не би постоело нешто што се вика научна вистина. Конечно, да беа можни „асиметрични истории“ ние сеуште ќе бевме антички Македонци а не млада словенска нација која се именува себеси по земјата на која живее, како што потпишавме во Преспанскиот договор склучен со поддршка на Европа и на Америка.
Во меѓувреме, расте незадоволството кај гласачите со политиката на социјалдемократите на отворање кон Бугарија. Повиците да се поништи договорот и да се укине работата на историската комисија се се погласни и доаѓаат од сите страни. Опозициската партија на македонските националисти, без многу размислување за последиците, се обидува да капитализира на бугарската тема. Заедно со светската криза во храна која е резултат на пандемијата и на војната во Украина и тешкиот живот на граѓаните на Македонија, власта како да и се нуди на послужавник на опозициската партија. Сите овие настани ја менуваат политичката слика во државата, како во играчката од моето детство која, при секој нов потрес, создаваше најневозможни комбинации на светлечките стакленца: калиедоскопот. Силно обединети околу бугарското прашање, ВМРО-ДПМНЕ и Бранко Црвенковски, би можеле лесно да победат на наредните парламентарни и претседателски избори. Тогаш ќе научиме уште едно правило од политиката: дека нема вечни непријатели туку само вечни интереси. Како кај државите така и кај поединците во борба за моќ.

Денко Малески

Back to top button
Close