Бараме гаранции

На  последната конференција за печат, канцеларот Олаф Шолц беше прашан какви гаранции  ќе и понуди Германија на Украина по завршувањето на војната. Шолц само се засмеа и остана без одговор. Се што можеше на каже човекот за кој Ангела Меркел рече дека мирно ќе спие со него како канцелар, беше дека ситуацијата во Европа, по руската агресија врз Украина, веќе никогаш нема да биде како порано и дека неговата држава ќе се прилагоди на новата ситуација менувајќи се онака како што се менуваат состојбите. Умни зборови на човек кој знае што е меѓународна политика.

Во македонската дебата за францускиот предлог едно од најчестите барања е „гаранции“, и сите се мртви сериозни. Бараме гаранции за јазикот, бараме гаранции за историјата, бараме гаранции за текот на преговорите, бараме гаранции дека нема да има нови барања кон нас, бараме гаранции дека членовите од договорот кои не ни се по волја ќе бидат исфрлени, бараме гаранции за се. Без гаранции, не благодарам, не сакаме да преговараме со ЕУ. Имам една новост за сите во Македонија што бараат гаранции. Во меѓународното општество на држави гаранции нема за ништо.

Баш како и во животот на човекот. На хартија ги има, се разбира, и тие се нарекуваат меѓународно право, ама  во меѓународната политика со која владеат моќта и интересите, такво гаранции нема. Таму, особено за малите држави, важи едно друго правило: ако ти создале процеп, каков што е францускиот предлог, низ кој можеш да се провреш, искористи ја шансата и храбро влези во теснецот инаку остануваш надвор. Оти посилните држави што ти го создале процепот, нема да го растурат сојузот заради тебе. Имаме ли гаранции за тоа што не чека ако го прифатиме францускиот предлог? Немаме.

Вистинскиот избор е само еден: храбро да се прилагодуваме на новите ситуации и да се менуваме онака како што ќе се менуваат состојбите, да го парафразирам германскиот канцелар. И да одиме напред во европските интеграции. Таква е нашата борба за опстанок на нацијата и државата во сојуз со европските демократии кои ни нудат шанса да им се придружиме во една Европа полна со неизвесности. Европа во која, по руската брутална агресија која го сруши целиот повоен меѓународен поредок, нема гаранции за ништо. Дури ни за опстанок на една нација и на една држава.

 

Денко Малески

 

 

Back to top button
Close